Секој е автор на својот живот дури и за време на корона

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Животот, драги пријатели, мора да продолжи натаму. Со или без корона. Не велам дека ова што до сега го живеевме во оваа пандемија е „вистински живот“, но сепак, не е ниту смрт.

Meне лично кафеаната отсекогаш ми беше важна. Некогаш ми беше важна на добар, а некогаш на гаден начин. Но, тоа, претпоставувам, важи за сите важни работи во животот, нели? Луѓето во кафеани знаат да зборуваат за политика, за неа зборуваат и на други места, ама кафеаните имаат во себе некоја убавина: тамо луѓето мислат многу побрзо и многу посмело за политика од кое било друго место на кое, нели, може да се зборува за политика.

Две-три ракии, две-три вина и вие веќе добивате „заговорничка“ група. Во кафеани почнуваат револуции, на пример, да речеме, јуришот на Бастилја договорен е во некоја биртија во Париз. Во кафеани почнуваат десничарски револуции, а не сум ниту десничар, а уште помалку сум заговорник. Иранската револуција, на пример, созреа во техеранска чајџилница. Сакам да кажам дека кафеаните, разговорите за политика, а богами и масовните пандемии не се конечни работи кои ќе завршат баш утре. Добро, некој ќе рече, каква ти е таа аналогија, Јовановиќу, за кафеана, политика и за вирусот?

Бескрајна корона

Добро, ајде да го поедноставиме проблемот: јас пишувам книжевно дело, „мала“ метафизичка прозна фикција; го работам тоа четиво повеќе од четири години и сѐ уште немам „храброст“ тоа дело да го види светлото на денот. Еден ден се двоумам за насловот, друг ден се двоумам за почетокот, трет ден се двоумам дали крајот да биде затворен или отворен… Секојдневно нешто бришам, пресликувам, реобмислувам и деконструирам. Некои паметни луѓе добро ме советуваат: не постои „совршен“ роман, а ако мислиш дека секој збор, реченица и поглавје ќе биде во совршена компактност има голема шанса, така ми велат моите драги и многу поумни од мене пријатели, таквиот роман никогаш нема да го завршиш.

Добро, море, Јовановиќ, каде е тука аналогијата? Животот во пандемија не е уметничко дело, кафеаните не се утописки места, политиката не е највозвишената работа на светот, а би требало да биде. Дури и кога „теоретичарите на заговори“ би рекле дека вирусот е направен во лабораторија, тоа битно ништо не менува. Добро, ајде сега да конкретизираме. Короната е реална работа, не е никаква фикционална нарација. Проблемите од короната не се само здравствени, туку се и економски. Има луѓе кои страдаат економски и здравствено. Мали фирми се во перманентна криза, ако не се и пред затворање. Постојат и големи фирми што можат да испуштат во секој момент по 50-ина вработени и тие луѓе од утре да останат дома, без регулиран работен однос. За тоа не е Владата виновна, а не е виновна ниту штетната и очајна опозиција. За тие луѓе виновен е пазарот и границите. А знаеме, тамо каде што нема граници, најчесто има пазар, а каде што има пазар има и работни места. Е, таквиот проблем со оваа пандемиска корона-криза предизвикува многу компликувани проблеми. Многу е лесно да се каже, останете дома, нема да имате никаков проблем, ама и тоа дома нешто чини, тие светла, сијалици, бојлери и фрижидери нешто чинат, не е ниту дома баш дома, ако ме разбирате што сакам да кажам. Или ако сакаме да речеме дека короната ќе исчезне сама од себе, гледаме дека и таа одбива тоа да го направи. Дури може короната да остане тука и тогаш кога ќе добиеме вакцина, што засега претставува теоретска работа, можеби во некоја поблиска иднина.

Добро, што значи таа пуста корона за нашите животи? Па, да речеме, тоа дека таа е се уште тука, а нашите животи видно се променети и драматично контекстуализирани. Што значи, тие што чекаат да се вратиме во некоја „животна нормалност“ или се наивни, или го чекаат Годо. Од друга страна корона паничарите, а таквите најчесто ја држат доминантната нарација во локалните и глобалните процеси, затоа што според својот табиет короната е незавршена приказна. Дури и кога самата корона ќе заврши, таа нема да заврши. Така што, сакам да кажам дека животот според својата природа е една ризична појава и ако една опасност исчезне, се појавува некоја друга. И што ќе правиме тогаш? Нема живот на пуст остров, стерилно затворен и заштитен од секоја „беља што демне зад ќошот“.

Животот е ризик

Животот, драги пријатели, мора да продолжи натаму. Со или без корона. Не велам дека ова што досега го живеевме во оваа пандемија е „вистински живот“, но сепак, не е ниту смрт. Велам, не беше ниту некој особен живот, ама не беше ниту смрт. Јас сакам да живеам, дури и под „корона услови“. Сакам да одам во кафеани, да се дружам со луѓе, да се гушкам, а богами, познавам и такви што сакаат да се пипкаат, а некои и да се љубат – ебати! – во време на корона, пу, пу, боже ме прости!

И без разлика што мислеле за тоа нашите паничари, медиумски работници и останати анонимни граѓани, јас не сум за масовни „локдауни“, затворања и останати репресалии. Знам дека е тешко, знам дека е мачно, свесен сум дека може да биде опасно и смртно, ама како да ви кажам. Животот е ризична работа. Утре ќе заврши короната, а може да дојде и нешто друго, многу поопасно и понепознато. Што ќе правиме тогаш, пријатели? Секој го испишува својот живот и својата „прозна фикција“. И не дозволувајте тоа да го прави некој друг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот