Секое училиште треба да обезбеди услови за одржување на менструалната хигиена

Ние предлагаме, вели Доковска, еден процент од профитот на компаниите, секој месец да се намени за набавка на влошки, тампони, хартија и сапун за училиштата.

Мијалник, влошки, тампони, менструални чашки, сапун, хартија и две корпи за ѓубре. Ова е сѐ што е потребно да се направи и обезбеди во постоечки училиштен тоалет, за да можат девојчињата во нормални услови да одржуваат менструална хигиена, пишува Мета.

Ученичките во основното училиште „Гоце Делчев“ во Ресен, од денеска ги имаат потребните услови, бидејќи беше пуштен во употреба вториот адаптиран тоалет за управување со менструалната хигиена во Македонија.

Наташа Доковска од „Новинари за човекови права“ информира дека девојчињата кои се во сексуално-репродуктивниот период, добиле и производи за управување со менструалната хигиена за наредните три месеци.

– Со ова сакаме да ја поттикнеме и локалната власт, но и државата да го имплементира трендот на давање на бесплатен пакет за справување со менструалната сиромаштија, како што е примерот со Британија. За остварување на целта 6.2 која бара целосна достапност до санитација и хигиена на сите, посебно за девојчињата, апелираме во секое училиште да се адаптира барем еден тоалет за управување со менструалната хигиена. Ги повикуваме претставниците на бизнис-заедницата, да донираат пакети и тоа да стане пракса. Ова не е лускус туку се основно човеково право – вели Доковска.

Ние предлагаме, додава таа, еден процент од профитот на компаниите, секој месец да се намени за набавка на влошки, тампони, хартија и сапун за училиштата.

– Секоја компанија може да дава, затоа што еден процент за нив е ништо. На тој начин ќе им го вратиме достоинството и самодовербата кај девојчињата – додава Доковска.

Еден адаптиран тоалет не е голема инвестиција. Она што треба да се направи е во постоечките тоалети во училиштата, во тоалетната кабина да се постави лавабо и да се постават две корпи за отпад, едната за тоалетна хартија, а другата корпа за санитарните производи. Потребно е и да се вгради диспанзер за течен сапун.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот