Седуммина кандидати за разнишаната фотелја на Борис Џонсон

Борис Џонсон - Фотографија ЕПА, Енди Рејн

Откако и многумина членови на британските конзервативци се придружија во повиците за оставка на премиерот Борис Џонсон поради „чајанките“ во дворот на резиденцијата на Даунинг 10 во време на строги изолациски мерки поради пандемијата, меѓу ториевците тивко почна кампања за нов партиски лидер, кој би ја презел и премиерската функција

Лиз Трас

Лиз Трас - Фотографија ЕПА, Нил Хол
Лиз Трас – Фотографија ЕПА, Нил Хол

Најголеми шанси да го наследи Џонсон има Лиз Трас, 46-годишната секретарка за надворешни работи на Обединетото Кралство, која ја има поддршката од традиционалната база на конзервативците и редовно води на анкетите на партискиот вебсајт. Трас внимателно го гради својот имиџ во јавноста, за што ѝ помагаат и владините фоторепортери, кои ја следат во секој чекор, дури и ако е качена на тенк.

Популарноста ја надградува со вештото ораторство, говорејќи за слободите, слободната трговија и патриотизмот, а капацитетите дека може да ја води државата ги потврдува како шефица на дипломатијата во турбулентниот период по раздружувањето од Европската Унија.

Риши Сунак

Риши Сунак – Фотографија ЕПА, Енди Рејн

Канцеларот Риши Сунак (41), кој ги води британските финансии, до неодамна важеше за речиси сигурен наследник на Џонсон, но во изминатиот период остана во сенка на јавните настапи на Трас. Иако потекнува од семејство на индиски имигранти од Африка, Сунак има повеќе од доволно биографски квалитети за да ги привлече конзервативците на својата страна. Роден е во семејство на доктор и на фармацевт, кои го испратиле на школување во престижното приватно училиште Винчестер. Пред да влезе во политиката работел на финансискиот пазар во Сити и има поинаков економски пристап од Џонсон – се залага за пониски даноци и за построга државна потрошувачка. Рејтингот на Сунак уште повеќе го нарушија вестите дека бил во Калифорнија во периодот кога врз Обединетото Кралство удри новиот бран на пандемијата.

Џереми Хант

Џереми Хант – Фотографија ЕПА, Нил Хол

Поранешниот шеф на дипломатијата Џереми Хант (55) беше на прагот да го преземе лидерството на ториевците, но убедливо загуби од Џонсон на партиските избори во 2019 година, по заминувањето на Тереза Меј. Ако местото повторно се испразни, од Хант се очекува повторно да биде еден од главните претенденти, но повторно не и фаворит.
Хант би можел да се наметне ако конзервативците решат да не ризикуваат и да изберат „сигурни раце“, односно лидер од кој знаат што може да очекуваат.

Прити Пател

Прити Пател – Фотографија ЕПА, Нил Хол

Со цврстите политики против имигрантите, секретарката за внатрешни работи Прити Пател се наметнува како лидерка на екстремните десничари меѓу конзервативците, какви што ги има многумина и меѓу пратениците.

Четириесет и деветгодишната Пател беше избрана за пратеничка во 2010 година, а потоа беше на низа министерски функции, но и во двегодишен „егзил“ од партиското раководство откако поради неофицијална средба со израелски функционери беше разрешена од позицијата секретарка за меѓународен развој. Наспроти официјалниот извештај дека ги малтретирала своите соработници, Џонсон ја врати во кабинетот.

Саџид Џавид

Саџид Џавид – Фотографија ЕПА, Вики Флорес

Секретарот за здравство и поранешен канцелар Саџид Џавид веќе учествуваше на изборите за лидер на конзервативците по оставката на Меј, но остана далеку од врвот на четвртото место. Се претпоставува дека тој повторно би можел да се кандидира, но и дека не би требало да се надева на подобар резултат отколку на тој во 2019 година.

Педесет и двегодишниот поранешен банкар и пратеник се истакна во јавноста кога спроти референдумот за брегзит отворено се залагаше Обединетото Кралство да не се раздружува од Европската Унија. Џавид во 2020 година се повлече од кабинетот на Џонсон кога премиерот се обиде да му наметне тим советници, но се врати во јуни на важната функција секретар за здравство во време на пандемијата.

Кваси Квартенг

Кваси Квартенг – Фотографија ЕПА, Вики Флорес

Секретарот за бизнис Кваси Квартенг (46) има предиспозиции да ги застапува традиционалните вредности на ториевците и заедно со Трас придонесе за изработката на Британија без окови – прирачникот на посттачеристите.

Првиот црн британски конзервативец на министерска функција, Квартенг беше во немилост во годините на владеење на Дејвид Камерон. Лондонецот образуван на универзитетот Итон важи за „еден од поинтелигентните меѓу потенцијалните кандидати“, но весникот „Гардијан“ забележува дека тој „повремено има тенденција да зборува без претходно добро да размисли што ќе каже“.

Надхим Захави

Надим Захави – Фотографија ЕПА, Нил Хол

Секретарот за образование Надим Захави (54) е меѓу аутсајдерите во потенцијалната трка за наследник на Џонсон, но стекна голема популарност во јавноста поради спроведувањето на организираната имунизација, која е веројатно најуспешниот владин проект во досегашниот мандат на премиерот.

Неговиот пат до Вестминстер е веројатно најтрнливиот. Роден е во Багдад во курдско семејство, кое на негова деветгодишна возраст избегало од режимот на ирачкиот лидер Садам Хусеин. Захави се образувал на елитни приватни училишта во Лондон и е еден од основачите на агенциите за испитувања јавни мислења „Југов“. Тој, исто така, работел долго во нафтената индустрија и е еден од најбогатите пратеници воопшто.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот