Седум приказни и една песна содржи книгата „Мутации“ од Франсис Кирпс

Насловната корица на книгата и авторот / Фотографија: колаж

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје во рамките на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“ ја објави книгата „Мутации“ од Франсис Кирпс. „Мутации“ се седум приказни и една песна, секоја базирана на класичен текст, од Црвенкапа до Вирџинија Вулф.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во склоп на „Креативна Европа“ на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.

Авторот Франсис Кирпс е писател, сценски поет и сатиричар. Роден е во Луксембург. По завршувањето на гимназијата студирал психологија во Стразбур и работел, меѓу другото, како училиштен психолог и наставник.

Во 2000 и 2001 година бил награден на „Националниот литературен конкурс“. Набргу потоа ѝ се посветил на поетската слем-сцена и во следните години учествувал на над 500 слем и читачки сценски изведби во германското говорно подрачје.

Во 2005 година, заедно со Кристијан Бартел и Анселм Нефт, го основал бонското литературно списание „Eгзoт“, чиј уредник бил до неговото затворање во 2015 година. Од 2014 година пишува колумни за „Вархајт“, сатиричната страница на германскиот дневен весник „Tац“.

Досега ги има објавено книгите „Планета Луксембург“ (2012 год.), романот „Класот од 77 – панк-рок роман“ (2016 год.), „Мутации – седум приказни и една песна“ (2019 год.) и „Вепар во магла“ (2020 год.). Во 2020 година Франсис Кирпс за „Мутации“ ги добил наградите „Servais“ и Наградата за литература на Европската Унија.

Преведувачката Ксенија Чочкова (родена 1979 година) дипломирала на Катедрата за германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Денес живее и работи како книжевен преведувач и менаџер во културата во Баден-Баден, Германија.

Досега работела на повеќе изложби, конференции и други различни проекти од областа на културата. Со литературен превод се занимава од 2004 година и досега има објавено повеќе од 30 преводи на автори од германското говорно подрачје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 185, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот