Седум години затвор за Никола Груевски за „Плацеви на Водно“, Мијалков 15 месеци, а Камчев една година

груевски камчев мијалков
Никола Груевски, Сашо Мијалков, Орце Камчев / Фото: ЕПА, Слободен печат - Драган Митрески

Бегалецот во Унгарија, екс премиерот Никола Груевски e осуден на казна затвор од 7 години, а неговиот братучед и поранешен прв човек на УБК, Сашо Мијалков, доби една години и три месеци затвор за случајот „Плацеви на Водно“, односно за тајниот имот на екс премиерот. На помала казна, од една година затвор, е осуден бизнисменот Орце Камчев , а кумот на Груевски, Ристо Новачевски, е осуден на условна казна затвор од две години. Меѓу обвинетите беше и Ненад Јосифовиќ кој исто така доби условна казна од две години, како и Ратка Камчева, која се ослободува од вина, бидејќи за неа кривичното дело е застарено.

– Очекував извинување од обвинетите до македонската јавноста. За да го реализира својот план на тогашниот премиер Никола Груевски му биле потребни средства. Тој решил да ги присвои партиските донации, кои требало да и служат на партијата, истакна судијата Трпков, додавајќи дека во оваа насока посведочиле и блиските соработници на Груевски, како Гордана Јанкулоска и Мартин Протуѓер. Се докажа и виде како се земале парите на искрените поддржувачи на партијата и оние кои биле уценети да дадат пари за партијата. Затоа очекував признание и извинување од обвинетите – нагласи судијата Иле Трпков, судечкиот судија во процесот.

Во овој случај ОЈО тврдеше дека Никола Груевски со пари кои биле донација за ВМРО-ДПМНЕ прибавил 1,3 милиони евра, а потоа купувал имот во Скопје и Крушево. Според обвинителството, вклучени биле оф-шор фирми меѓу нив и „Сирах лимитет“ од Белизе во сопственост на Ненад Јосифовиќ, и преку неа се отворила фирма-ќерка во Македонија „Сирах инженеринг“. На оваа фирма управител бил кумот на Груевски (Ристо Новачевски) кој за експремиерот го купил и земјиштето во Крушево. Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно. Во текот на судењето се откри дека тој земјиштето го „трампал” за три луксузни стана во комплексот „Панорама” на Водно, а му беа откриени уште два стана, уште едно земјиште на Водно и две парцели во Крушево.

Орце Камчев пак бил вмешан во препродавање на атрактивните парцели на Водно. Груевски преку неговата сестра (Кристина Камчева-Стојчевска) прашувал дали може да го купат тој имот, тие размислиле и одлучиле да го купат, а на таков чекор, меѓу другото, се одлучиле, како што рече бизнисменот, и поради одмаздљубивниот карактер на тогашниот премиер.

Обвинителката Лиле Стефанова за Камчев и Јосифовиќ побара казните за нив да се движат кон законски предвидената минимална казна.

Стефанова рече дека е единствениот обвинет кој уште од отворањето на истрагата ги опишал начинот и дејствијата на извршување и со тоа придонел во откривањето на сторителите и кривичните дела, па од тие причини побара судот да му изрече условна казна и побара строги казни за Груевски и Мијалков. За експремиерот рече дека треба да му се изречат максимални затворски казни за делата за кои се гони, додека за неговиот братучед и поранешен шеф на УБК побара изрекување повисоки казни во рамки на границите предвидени со закон за делата кои му се ставаат на товар.

Груевски постојано преку големи статуси на Фејсбук тврди дека е жртва на прогон и дека ова е наместен случај. Овој предмет има и една друга важна димензија, а тоа е дека дел од актерите се појавуваат и во големиот случај кој обвинителството го води под името „Империја“. Во двата случаи обвинител е обвинителката Лиле Стефанова. На Груевски му се судеше во отсуство со оглед дека е во бегство во Будимпешта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот