Седницата за избор на нов член на ДИК на 28 февруари

Државна изборна комисија - табла / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

На денешната координација на претседателот на Собранието, Јован Митрески со координаторите на пратеничките групи договорено е седницата за гласање на нов член на Државната изборна комисија да се одржи на 28 февруари.

Како што соопшти Фадил Зендели, пратеник на Движењето Беса, останува отворена можноста ако има доволен број на пратеници, гласањето да се одржи и во текот на оваа недела.

-Оваа недела многу пратеници се на службени патувања надвор од државата и ќе биде проблематично да имаме соодветен број кој е потребен за да се изгласа членот на ДИК. Но, сепак останува отворена можноста, ако има доволен број на пратеници и во текот на оваа недела да се направи. Ќе се направат консултации и по однос на оваа прашање. Но, ако не успееме во текот на оваа недела, сигурен датум останува 28 февруари. Позитивен чекор беше тоа што помина нашиот член во ДИК во собраниската Комисија за прашања на именувањата и изборите. Тоа е позитивен акт, рече Зендели.

Тој не очекува да има проблеми околу гласањето на нивниот кандидат, Абдуш Демири за нов член на ДИК.

-Од тоа што е договорено на денешната координација со претседателот на Собранието, не очекуваме да имаме проблеми или тешкотии при гласањето на нашиот член на ДИК, рече тој.

Зендели информираше дека завршил нивниот бојкот на работата на Собранието, кој го започнаа поради тоа што тие побараа нивниот кандидат да биде ставен на дневен ред на седница.

-Ние уште од кога се повикавме на бојкот, рековме дека нашиот бојкот ќе биде до моментот кога нашиот кандидат ќе биде на дневен ред. Значи, нашиот кандидат беше на дневен редна Комисијата за именувања и изборите уште претходната недела. И со тоа заврши нашиот бојкот, затоа што бојкотот се однесување во врска со оваа прашање. И денеска учествуваме денеска на координација кај претседателот и ќе учествуваме во работата на работните тела нормално како и секогаш, рече Зендели.

Абдуш Демири, кој е предлог на партиите од Европскиот блок за промени за член на ДИК. Демири минатата недела на седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата беше поддржан за член на Комисијата со десет гласа „за“, еден „воздржан“ и еден „против“.

Вториот кандидат, кој се повлече, беше Зуљфи Адили откако Владата на предлог на Зијадин Села од Алијанса за Албанците го именува за директор на Агенцијата за странски инвестиции. За изборот на членови на ДИК е потребно двотретинско мнозинство. ДИК е без еден член повеќе месеци откако Кренар Лога стана министер за правда.

По распишувањето на претседателските и парламентарните избори на 14 февруари, ДИК ги започна изборните дејствија со усвојување на роковниците. Претседателските избори се закажани на 24 април, а вториот круг ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори.

Од 14 февруари започна да тече рокот за пријавување на нашите државјани за гласање преку апликацијата https://dijaspora.sec.mk/, како и во нашите Дипломатско-конзуларни претставништва и конзулати во странство. Пријавувањето се врши со пополнување на две барања и за претседателските и за парламентарните избори. За да се одржи гласање во дијаспората потребно е да се соберат вкупно 5.300 барања.

На 23 февруари започнува и собирањето потписи за претседателски кандидати и за подносители на листи на изборите, а на 28 февруари увидот во Избирачкиот список.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот