Седиштето на ОТА сѐ уште е во зградата на „Телеком“, на кој треба да му врши надзор

Фото: Архива

Собраниската комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите денеска го разгледуваше годишниот извештај за работењето на Оперативно-техничката агенција (ОТА) за 2022 година. Директорот на Агенцијата Зоран Ангеловски ги информираше пратениците дека Агенцијата сѐ уште нема свои канцеларии, изразувајќи уверување дека Владата ќе го реши овој проблем.

Ангеловски рече дека во текот на 2022 година, како што се наведува во извештајот за работењето на ОТА, за потребите на овластените органи во земјава, Агенцијата технички посредуваше во 369 нови активирања на мерката следење на комуникациите и 328 продолжувања на истата мерка. Од наведениот број од 369 нови активирања на мерката следење на комуникациите со техничко посредство на ОТА во 2022, 278 активирања на мерката беа за потребите на МВР, додека од 328-те продолжувања на мерката, за потребите на ова Министерство беа 149.

Согласно Планот за вршење стручни надзори над работата на операторите, во текот на минатата година од страна на надлежната комисија на ОТА биле спроведени пет редовни стручни надзори кај телекомуникациски оператори – „Македонски Телеком”, „А1 Македонија”, „Неотел”, „Телекабел” и „МТел”. Ангеловски информираше дека од сите надзори се подготвуваат записници кои деновиве треба да стасаат во Собранието, откако ќе се усогласат со операторите.

Планираниот Буџет за лани за ОТА изнесувал 348 милиони денари, од кои се потрошени околу 306 милиони денари или 87,98 отсто.

Претседателот на собраниската комисија, Игор Јанушев го праша директорот на ОТА во врска со просторниот проблем и осовременување на Агенцијата, на што Ангеловски одговори дека ОТА се уште се наоѓа во зградата на „Македонски Телеком” и оти во моментов ќе започнат преговори за изнајмување на простор.

– Во меѓувреме е известена Владата и другите органи дека претставува сериозен проблем работата на ОТА што немаме свој простор. Очекувам дека ќе успееме. Досега немам одговор од Владата – рече Ангеловски.

Тој исто така нагласи дека во тек е надградба на системот за следење на комуникации, процес што се случува перманентно.

Седницата беше затворена за јавноста при разгледување на годишниот финансиски план за 2023 година на ОТА за средствата од надоместоците од Агенцијата за електронските комуникации.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот