Се заканува ли корона на ЕУ?

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Не е тешко да се заклучи дека корона-кризата не влијаеше посебно на расположението и определбата во ЕУ за проширување со прием на уште неколку сиромашни земји од Источна Европа. Проширувањето, како еден од традиционалните приоритети врз кои се потпира носечкиот столб на ЕУ-пројектот, е паднато мошне ниско. Исходот на онлајн Самиот за Западен Балкан го потврди тоа. Финансиските проблеми моментно се енормни.

Во екот на пандемијата, и во контекстот на можностите за согледување на нејзиниот исход, размислувањата и ставовите за иднината на ЕУ добиваат нови димензии. Актуелниот развој покажува дека иднината на европскиот пројект нема да се решава во Брисел, туку во европските општества. Токму затоа станува значаен конфликтот во чија основа се засилува поларизацијата меѓу конкурентските ЕУ-визии.

На разни нивоа во ЕУ е раширена загриженост дека како последица на корона-кризата ќе се засилат разликите, како и веќе присутните тензии, меѓу побогатите членки на Унијата на север и посиромашните на југ. Доколку ништо драстично не се случи, ЕУ ризикува раслојување на А и Б-лига.

Француско-германскиот предлог за економска обнова, тежок 500 милијарди евра, за кои францускиот претседател Макрон сака да протурка механизам за исплаќање во форма на грантови, а не кредити, наидува на одобрување од страна на и онака веќе презадолжените држави-членки на ЕУ од југот.

Но остануваат многу пречки пред планот на Макрон и Меркел да стане реалност. Првин ЕУ во целина треба да го прифати предлогот. Моментно мошне малку е присутно уверување дека ќе се обезбеди поддршка од сите 27 земји-членки. Малата група богати земји, кои претходно се здружија за да го ограничат зголемувањето на ЕУ-буџетот, и притоа од страна на критичарите беа означени како буџетско рестриктивна „цицијашка алијанса“ – се очекува да уфрлат прачка во тркалото на ЕУ-велосипедот. Во таа група се вбројуваат Австрија, Данска, Холандија и Шведска.

Но и меѓу земјите од Источна Европа, кои известуваат за релативно мал број смртни случаи од Ковид-19, се забележува извесен отпор да им се помогне на големите јужни членки Италија и Шпанија според лансираниот француско-германски предлог.

А кога станува збор за Германија, реакциите се измешани. Додека претставници на демохристијаните на Ангела Меркел го поддржуваат предлогот за обнова, критичарите од редовите на Алтернативата за Германија (АФД) не манифестираат такво расположение. АФД е основана во 2013 година како реакција против економскиот пакет на поддршка за Грција, а се чини дека ни овојпат нема да ја пропушти шансата да му зададе низок удар на германско-францускиот план. Потребата од рестриктивност, преку заштита на сопствените интереси и контрола на финансиските текови тешко ги спојува доминантните разлики во гледиштата и ставовите на реалција Север-Југ во ЕУ.

Ќе треба ли богатите ЕУ-членки да се задолжат за да им помогнат на посиромашните, овозможувајќи, според очекувањата, нов ветар под крилјата на европската соработка. Разочарувањата се зголемуваат во „цицијашката алијанса“, која се чувствува изиграна од наглото свртување на Берлин и доближувањето кон заложбите на Париз.

Сепак, од загрижувачката реалност не може да се избега. Затворени фабрики, спуштени ролетни на излозите во бутиците, преполни болници и смртни случаи чиј пораст застрашува. Корона-кризата ја фрли Европа во состојба од која многумина повлекуваат паралели со големата рецесија од 1930-тите години. Но реалноста е проследена и со поразителни сознанија што атерираат со тврд удар врз платформата наречена – недостиг од солидарност. Напоредно со рапидното зголемување на невработеноста, и полнењето на мртовечниците, членките на ЕУ се опредлија да се погрижат пред сè за своите сопствени интереси.

Во секој случај, пандемијата бараше уште една голема жртва – германската скржавост. Тоа мошне прецизно го констатираше весникот „Политико“  откако Меркел и Макрон го соопштија својот предлог, со 500 милијарди евра да им се помогне на најтешко погодените членки повторно да застанат на нозе.

Ефектите од корона вирусот се закануваат да ја разнишаат економската стабилност на голем број ЕУ-членки. Доколку не се преземат храбри и решителни чекори за очекување е дека поделбата на силни и слаби членки, која започна со финансиската криза во 2008/2009 година, само уште повеќе ќе се засили. Последиците би можеле да бидат катастрофални. Според песимистички сценарија, можеби дури и во форма на сериозна закана за целиот ЕУ-пројект.

За низа земји членството во ЕУ беше од голема полза, не само економски, туку и во смисла на можностите за соработка околу големите заеднички европски прашања. Во таа насока несомено и „европската перспектива“ на земјите од Западен Балкан останува важен сегмент што треба да го дополни мозаикот на европското обединување и стабилност.

„Обединета Европа нема да биде создадена одеднаш, или според еден единствен план“, сметал пред 70 години францускиот министер за надворешни работи Шуман. ЕУ мора да продолжи да се проширува. Затвореноста и погледот кон внатре треба да останат дел од историското минато. Токму затоа се чини дека звучат преусилено критиките преку кои многумина сега потенцираат дека Меркел сосема неочекувано капитулирала пред наклонетоста на Макрон кон федералистички тенденции. Во крајна линија ветувањата за европската перспектива всушност не би требало да значат ништо друго освен дека единството, солидарноста и мирот се однесуваат и ја опфаќаат – цела Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот