Се распаѓа старото училиште „Димитар Македонски“, новиот објект сѐ уште се гради

ОУ Димитар Македонски. / Фото: Слободен печат/Ристо Пејовски

На прагот од новата учебна година ниту стариот објект е во состојба да прими ученици, ниту новиот е довршен, а нема ниту информација од надлежните каде децата ќе ја следат наставата

Испукани ѕидови, стара и дотраена инсталација, покрив што при секој посилен дожд протекува, несоодветни тоалети, искршени плочки. Вака изгледа стариот објект на ООУ „Димитар Македонски“ во Лисиче.

Поради несоодветните услови за нормално и непречено одвивање на наставата, пред неколку години започна да се гради ново училиште, кое треба да ги задоволи потребите не само на децата и наставниците и да ги исполнува сите потребни стандарди за едно модерно училиште во кое основите на своето образование ќе ги постават многу идни генерации. Но, на прагот од новата учебна година ниту стариот објект е во состојба да прими ученици, ниту новиот е довршен, а нема ниту информација од надлежните каде децата ќе ја следат наставата.

Фото: Слободен печат/Ристо Пејовски

Објавата на надлежните за изградба на ново училиште беше поздравена од страна на локалното население како исклучително важна, но сепак, и по неколку години, ова ново основно училиште сѐ уште се гради, а во стариот објект нема повеќе никакви услови за одвивање на наставниот процес. Како резултат на тоа, децата и родителите но и наставниците што предаваат во училиштето, буквално на само неколку денови пред стартот на новата учебна година не знаат како и каде ќе се оди на училиште.

-Немаме никакви информации како родители како ќе учат нашите деца, а еве уште неколку денови и ќе почне учебната година. Цело време на вести слушаме дека наставата ќе се одвива со физичко присуство, а во училиштето каде што учи моето дете, нема услови за тоа. Не знам зошто толку долго се прави новата зграда – вели родител чие дете посетува настава во ова училиште.

И директорката на ова основно училиште вели дека нема подетални информации околу тоа како ќе се одвива наставата од први септември.

-Немам подетални информации како ќе се одвива наставата од први септември. Во моментот првата ламела од новата училишна зграда е готова, а на втората ламела интензивно се работи – истакна Јулијана Тодоровска, директорка на ООУ „Димитар Македонски“ која меѓу другото потенцираше и дека во просториите на стариот објект во кој досега се изведуваше наставата, нема услови да се продолжи со работа.

За одговор на прашањата зошто толку долго се гради ова училиште, кога ќе биде пуштена во употреба новата училишна зграда како и каде ќе учат децата од први септември, досега не добивме одговор ниту од Општина Аеродром ниту од Министерството за образование и наука.

Основното училиште Димитар Македонски е основано во 1964 годинa, а наставата се одвиваше во објект од монтажен тип. Најавите од Општина Аеродром за стартот на изградбата на новиот училиштен објект се од јули 2017 година.

– Денеска, 29.7.2017 година, на местото на старите бараки на ОУ „Димитар Македонски“ почна изградба на нов модерен објект во соработка со Министерството за образование и наука. Според рокот на изградба новото училиште, ќе се гради во две фази, така што околу 1.000 ученици, колку што е капацитетот на новата зграда, ќе можат да посетуваат настава веќе наредната учебна 2018/2019 година – стоеше тогаш во официјалната најава за почеток на градежните работи.

Сепак, и три учебни години потоа, ваквите најави сѐ уште не се реализирани.

Од друга страна, пак, на официјалната веб-страница на Општина Аеродром на чијашто територија се наоѓа ова училиште, стои дека во јуни оваа година, Општината направила увид на терен и било констатирано дека работата се одвива во предвидената динамика.

Училиштето што е во изградба ќе биде со површина од 2 840 квадратни метри и со капацитет за 700 ученици, кои ќе ја посетуваат наставата организирани во две смени. Ќе биде опремено со најсовремени кабинети, простории за дневен престој, кујна и простории за наставниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот