Се расчистуваат хаварисаните возила од Бановина во Лисиче

Фото: Општина Аеродром

Овој тип на отпад претставува целосна спротивност и прекршување на членот 37 од Законот за управување со отпадот, имајќи предвид дека истиот не само што го нагрдува просторот во урбаните зони, туку и претставува директна опасност за животната средина и околината – информираат од Општина Аеродром.

Голем број на хаварисани возила кои со години наназад стоеја на местото познато како Бановина во Лисиче конечно започнаа да се отстрануваат.

Во Општина Аеродром започна да се спроведува акција за расчистување на отпад од искористени и хаварисани возила наменети за различен вид на транспорт или одржување, а се наоѓаа на приватен имот во близина на паркот Бановина во Горно Лисиче.Овој тип на отпад претставува целосна спротивност и прекршување на членот 37 од Законот за управување со отпадот, имајќи предвид дека истиот не само што го нагрдува просторот во урбаните зони, туку и претставува директна опасност за животната средина и околината – информираат од Општина Аеродром.

Оттаму најавуваат и дека акцијата за расчистување на сите површини во општината на кои има најразличен тип на отпад ќе продолжи и понатаму.

– Во периодот кој следува, ќе се вршат поинтензивни и редовни контроли за ваков вид на отпад кој се наоѓа на приватен имот и на создавачите на отпадот ќе им биде наложено истиот да го отстранат. Во спротивно, Општина Аеродром и надлежните органи ќе ги преземат сите расположливи дејствија, вклучително и изрекување на прекршочни санкции – заклучуваат од Општина Аеродром.

Инаку, акцијата за расчистување на хаварисаните возила се реализира во местото познато како Бановина, место кое со години наназад претставуваше една од најголемите диви депонии во Општина Аеродром лоцирана долж улицата Ѓорѓи Капчев. Во слична акција за расчистување која се реализираше неодамна од страна на општинските и на градските власти просторот беше расчистен од повеќедеценицкиот отпад кој на посочената локација го исфрлаа несовесните граѓани.

Имено, како последица на исфрлањето на огромни количества на отпад, местото долго време важеше за збиралиште на бездомни кучиња кои, пак, претставуваат потенцијална опасност за минувачите.

Кога станува збор за оваа локација на територија на Општина Аеродром, интересно е да се напомене и дека мал дел од ова место пред неколку години беше урбанизиран, односно на мал дел од местото Бановина беше изграден модерен парк со езерца и фонтани кое прерасна во збиралиште на локалното население, но поголемиот дел од местото остана неурбанизирано и прерасна во место каде локалното население со години наназад исфрлаше секаков тип на отпад.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот