Драган Б. Костиќ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ФОТО+ВИДЕО | Се одржа комеморацијата во чест на Драган Б. Костиќ: Пријателите и соработниците му оддадоа почит на легендарниот радиоводител

Денеска во Младинскиот културен центар (МКЦ) се одржа комеморација во чест на легендата на македонското радиоводителство и музички новинар, Драган Б. Костиќ. Настанот беше полн емоции, сеќавања и почит кон човекот кој остави неизбришлива трага во македонската радиофонија и музичка култура.

Комеморацијата ја водеше Антонио Димитриевски, кој со емотивен и достоинствен говор ги поведе присутните низ животот, делото и значењето на Костиќ за неколку генерации слушатели. Во рамки на настанот беше прочитан и телеграф од претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во кој беше истакната неговата огромна улога како медиумски хроничар и културен работник.

Со лични и искрени говори се обратија негови блиски пријатели и соработници Бане Бранислав Димитриевиќ, негов пријател од детството со кој ги делел првите диџејски моменти во диското „Турист“, Петар Георгиевски – Камиказа, вокалист на бендот „Меморија“ и долгогодишен соработник, нашиот познат македонски пејач и драг пријател Дарио Панковски, Ласко Ѓуровски, уметник и карикатурист, како и познатиот скопски диџеј Зоки Бејбе.

Комеморација на Драган Б. Костиќ / Фото: „Слободен печат“/Агнеса Чаволи
Комеморација на Драган Б. Костиќ / Фото: „Слободен печат“/Агнеса Чаволи

Секој од нив сподели лични приказни, анегдоти и спомени кои ја отсликаа човечката и професионалната големина на Драган Б. Костиќ – како пријател, визионер и вљубеник во музиката.

На комеморацијата присуствуваа членови на неговото семејство, бројни луѓе од културата и музичката сцена, колеги, пријатели и верни фанови, кои со долги аплаузи и тишина полна со почит му оддадоа последна почест.

Драган Б. Костиќ почина на 20 декември 2025 година, на 75-годишна возраст. Роден е на 10 јуни 1950 година во Скопје, а својата богата и влијателна кариера ја изгради во Македонското радио. Најшироко е познат како автор и водител на култните радио-емисии „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“.

„Диско селектор“, кој започна со емитување на 29 јуни 1974 година, со децении беше музички компас за неколку генерации слушатели. „Заборави ако можеш“ започна во 1991 година и до 2013 година го доживеа своето 4.500-то издание.

По повод 30 години од „Диско селектор“, во јуни 2004 година, Костиќ организираше голема музичка забава на лизгалиштето во Скопје, која собра околу 6.500 посетители и остана запаметена како еден од најмасовните музички настани од тој тип кај нас.

Драган Б. Костиќ / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Тој е автор и на други препознатливи радио-формати како „Радиоурнебес“, „Пријатели, добар ден“ и квизот „Јас ли сум на ред“. Познат беше и како страстен колекционер на музика, со колекција од над еден милион аудио записи – една од најголемите во регионот.

Во 2018 година ја започна и телевизиската емисија „Б со точка“ на Телевизија 24, која се емитуваше во две сезони.

Со заминувањето на Драган Б. Костиќ, македонската медиумска и музичка сцена изгуби голем професионалец, но неговиот глас, вкус и љубов кон музиката ќе продолжат да живеат преку генерациите што ги обликуваше.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот