Саша Обрадовиќ е нов тренер на Хапоел Ерусалим
Српскиот тренер Саша Обрадовиќ официјално ја презеде клупата на Хапоел од Ерусалим, бидејќи израелскиот клуб потврди дека е договорена соработка до крајот на сезоната 2028/29.
Препорачано
Обрадовиќ не го криеше задоволството од новиот предизвик и истакна дека долгорочната визија на клубот го привлекла да ја прифати понудата од Ерусалим.
„Многу сум среќен што дојдов во Хапоел Ерусалим. Долго време работам во Евролигата и го избрав Хапоел затоа што сум импресиониран од визијата, стандардите и големите амбиции на клубот. Целосно верувам во големата иднина што нè очекува заедно во наредните години“, рече Обрадовиќ.
Искусниот тренер изјави дека гледа јасна задача пред себе – создавање тим кој ќе биде конкурентен на сите фронтови и подготвен да се бори за трофеи.
„Нашата цел е јасна, да создадеме силен, квалитетен, талентиран и борбен тим, кој ќе се бори за сите трофеи и ќе се обиде да ги оствари високите цели што сме ги поставиле “.
Тој испрати посебна порака до навивачите на Хапоел, нагласувајќи дека со нетрпение ги очекува првите натпревари пред нивните трибини.
„Слушнав многу за неверојатната атмосфера што ја создаваат навивачите на Хапоел. Ќе направам сè за да ги направам горди на нашиот тим и достојно да го претставувам на секој натпревар“, заклучи Саша Обрадовиќ.


