Саша Богдановиќ / Фото: Слободен печат

Саша Богдановиќ раскрстил со СДСМ, не се договорил со ЗНАМ и сега ќе формира партија – Српска демократска лига

Поранешниот градоначалник на скопската општина Центар од СДСМ, Саша Богдановиќ, ќе формира нова политичка партија со назив Српска демократска лига, објави „Фокус“. Во изјава за порталот, Богдановиќ вели дека тој ќе ја предводи новата партија, но не открива кој друг ќе биде во раководството.

„Партијата ќе се вика „Српска демократска лига“. Името потекнува од 1908 година, кога за првпат се организирале Србите во политичка партија (на територијата на денешна Македонија, н.з.). Јас ќе бидам Претседател на партијата, така се договоривме со луѓето од иницијативниот одбор, но и со луѓето иницијатори за формирање на партијата“, вели Богдановиќ.

Во однос на тоа како новиот политички субјект ќе се позиционира идеолошки и програмски, Богдановиќ вели:

„Партијата ќе биде со национална основа, пред се да се бори за подобрување на правата на Србите во Македонија, но ќе има свои сектори и комисии кои што освен за културно, образовни и историски прашања, одговор ќе има и за останати сектори и процеси во општеството“.

Инаку, Богдановиќ посочува дека одлучил да го напушти СДСМ бидејќи, како што објаснува, „сите работи тргнаа и одат во погрешен и лош правец“. Во меѓувреме, тој потврдува дека имал контакти со владејачката ЗНАМ, партијата на уште еден поранешен функционер на социјалдемократите – Максим Димитриевски, но Богдановиќ дека никогаш не се зачленил во оваа партија.

„И покрај некоректноста на раководството на СДСМ во 2021 година за избор на кандидат за локалните избори, јас останав коректен и доследен. Но, за жал сите работи тргнаа и одат во погрешен и лош правец и едноставно се изгубија и погазија сите вредности во кои сме верувале. Сум имал контакти со ЗНАМ, но никогаш не сум се зачленил. Идејата да формираме нова партија трае некое време, но претходно сакавме да направиме консултации и со другите политички чинители“, вели тој.

Богдановиќ порано беше претседател на општинската организација на СДСМ во Центар, беше директор на „Паркинзи на Општина Центар“ додека градоначалник беше Андреј Жерновски, а потоа и самиот стана градоначалник на скопската општина, на локалните избори во 2017 година. Сепак, на следните избори во 2021 година, СДСМ одлучи во Центар да настапи со актуелниот градоначалник Горан Герасимовски.

Од СДСМ денеска обвинија дека „во режија на ВМРО, Богдановиќ го напушта ЗНАМ“.

„Со нова режија за збунување на избирачите, ВМРО во соработка со српската БИА формира проруска партија „Српска лига“. Со истата таа партија во Србија управува Милош Вучевиќ, првиот човек на Александар Вучиќ и претседател на СНС, сестринската партија на ВМРО. Вучевиќ е координатор задолжен за Мицкоски. Тука е и Адамовиќ, пријател и бизнис партнер на Мицкоски, кој редовно ја посетува ВМРО, па дури и нивните конгреси. Сите тие се луѓе на Вучиќ задолжени за српско/руско влијание во Македонија“, пишува во соопштението од СДСМ.

Димитриевски вели дека нема економска логика да се уриваат дивоградби, само во Куманово 26.000 чекале легализација

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот