Сара Керимова: Не знам што да мислам за смртта на моето бебе, зашто само еден час пред породувањето срцето му чукаше и јас го слушав

Болница Битола/Фото: Архива на СП

Дваесет и едногодишната Сара Керимова, чие бебе завчера во битолската болница беше мртвородено, во изјава за „Слободен печат“ вели дека само еден час пред породувањето имала лекарски преглед во Битолската болница. Таа вели дека чукало срцето и самата лента од изведениот преглед била долга и ништо не навестувало на компликации. Демантира дека имала неконторлирана бременост, како што вчера за „Слободен печат“ тврдеше управата на болницата. Керимова вели дека во Германија каде била до петтиот месец од бременоста, имала и здравствена книшка и прегледи, кои што ги вршела кај гинеколог таму.

-Додека бев во Германија докторот таму ми велеше дека се е во ред со мене, вели Керимова за „Слободен печат“.

Кога се вратила од Германија во Битола, продолжила да оди на прегледи кај приватен матичен гинеколог. Тој, според зборовите на Керимова, на влезот во деветтиот месец од бременоста ја препратил во Битолската клиничка болница, зашто видел дека има вишок на плодова вода. Тогаш царски рез ѝ бил закажан за неделата, кога во 7 часот утрото веќе била во болницата.

-Го слушав срцето на бебето на апаратот до мене на последниот преглед еден час пред царскиот рез. И при крајот многу чукаше, со клоци удираше. Докторката ми рече дека не може да ме породат природно поради проблем со папочната врвца. Ми беше направен преглед и непосредно пред да ме стават во сала, јас го слушав срцето на бебето на апаратот, и чувствував дека клоца, многу чукаше. Не ми е јасно што се случи внатре во салата. Вчера докторката ме праша дали се жалам од неа, за начинот на кој сум била породена. Јас ѝ кажав „не се жалам на тебе, ама бебето ми чукаше пред да се породам“, изјави Керимова за „Слободен печат“.

Нејзиниот татко Демир вели дека од вчера цела управа на болницата, заедно со докторката што го извела царскиот рез постојано го прашувале семејството дали ќе тужат и дали имаат поплаки на случајот.

– Не знаеме, ништо, не молат да не тужиме и да не се жалиме. Велат дека не е од нив и ќерка ми да е здрава и жива. Како исплашени се. Не сме писмени, ни школувани, не се разбираме, рече таткото на девојката во разговор за „Слободен печат“.

Нејзиниот сопруг пак, вели дека доволно е што сопругата преживеала и дека поплаки на персоналот немаат, а сопругата му кажала дека многу ѝ помогнале.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат, откако првично се правеше дека не знае за случајот, веднаш по наредбата на министерот за здравство Фатмир Меџити реши да излезе на терен и да ја утврди фактичката состојба за овој случај во кој 21-годишната девојка ја загуби рожбата. Според информациите од директорката на болницата девојката и претходното бебе
го изгубила на сличен начин.

-Бебето е родено со цезареа, немалтретирано. Породувањето е направено поради вишок на плодова вода и извадено е бебе без знаци на живот, без срцева акција. Деведесет проценти се работи за некаква аномалија, зашто на ист начин е починато и претходното бебе, изјави за „Слободен печат“ директорката на битолската болница Елизабета Ивановска.

Министерството за здравство ја информираше јавноста дека според информативниот допис од Клиничка болница Битола кој стигнал до нив, кај 21-годишната пациентка, бременоста се до седмиот месец се одвивала во Германија.

„Таа во болницата во Битола не дала информации дали била следена од лекар во Германија и не приложила документација од која ќе се утврди дека бременоста е контролирана“ се вели во соопштението од Министерството за здравство. Но, Керимова вели дека има германска здравствена книшка и печатите ќе докажат дека на прегледи таму одела.

Инаку, ова е вторпат бебе да почине во оваа болница за краток временски период од неколку месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот