Ѓуро Козар/ Фото: Ослобоѓење

Санчез му пркоси на Трамп

Шпанскиот премиер, како суверенист, решително му се спротивставува на претседателот на САД во време кога многумина тоа не го можат или не се осмелуваат.

Социјалистот Педро Санчез (54) е нетипичен функционер бидејќи, во време кога европската политика го губи ритамот и гласот, се издвојува не само по острината на реториката против неправдата во светот, туку и во конкретната борба за морални принципи од кои многумина се откажуваат. Владата на Кралството Шпанија, чиј премиер е тој, го одби повикот на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп американската војска при нападот врз Иран да ги користи поморската база Рота и воздухопловната база Морон, кои се наоѓаат во шпанската покраина Андалузија, што на единствен начин ги поврзува Средоземното Море и Атлантскиот Океан.

Овие бази се основани со договорот меѓу САД и Шпанија од 1953 година, во времето на генералот Франциско Франко, кој диктаторски владееше од 1939 до 1975 година. До споменатата агресија, со години овие бази им беа на располагање на Американците, а поради одбивањето на Мадрид, од нив беа преместени 15 борбени авиони, како и танкери за дополнување гориво во воздух, што го налути Трамп, кој им се закани на Шпанците со прекин на трговските врски. Премиерот Санчез порача дека, ако Вашингтон сака да ги преиспита трговските односи, тоа ќе мора да го направи почитувајќи ја автономијата на приватните компании, меѓународното право и билатералните договори меѓу Европската Унија и САД. Притоа додаде дека агресијата на САД и Израел врз Иран е непотребна и неправедна, дека Шпанија ги исполнува своите обврски од Северноатлантскиот договор потпишан во 1982 година и дека НАТО не треба да отстапува од своите принципи.

Кога Доналд Трамп минатата година, на Самитот на НАТО во Хаг, од сојузниците побара да ги зголемат своите одбранбени буџети прво на 3,5, а потоа на пет проценти од бруто-домашниот производ, на многумина тоа им изгледаше сосема нереално, но на тоа единствено јавно се спротивстави Педро Санчез, сметајќи дека тоа е непотребно. Тој тогаш истакна дека Шпанија може да ги исполни своите цели за воени способности со зголемување на издатоците на 2,1 процент од БДП и дека нема намера да издвојува пет проценти. Потоа испрати писмо до генералниот секретар на НАТО Марк Руте и побара на Шпанија да ѝ се дозволи да не издвојува толку средства за војската од буџетот, бидејќи државата, како што нагласи, има приоритетни обврски, но му беше одговорено дека во Алијансата нема изземања и дека новиот процент важи за сите.

Очигледно револтиран од одбивањето на Шпанија, Трамп изјави дека тоа е срамота и дека ќе го натера Мадрид да плати двојно, но Санчез не се осврнува на заканите и останува на ставот дека зголемениот процент од БДП за одбрана е неразумен и потенцијално штетен за европската економија.

Потоа Шпанија го одби повикот за учество во Трамповиот „Одбор за мир“, а како главна причина за оваа одлука беше наведена недоследноста, со оглед дека во тој одбор не е вклучена Палестинската самоуправа.

Покрај ова, секако треба да се истакне и поддршката што шпанскиот премиер му ја даде на папата Лав XIV, кого го критикуваше претседателот на САД Доналд Трамп, сугерирајќи дека американскиот поглавар на Католичката црква треба да престане да ѝ се додворува на радикалната левица. На тоа Педро Санчез изјави: „Кој сее ветрови, жнее бури, и додека во светот се сеат војни, Светиот Отец сее мир со храброст и одважност. Ќе ми биде чест да го пречекам во Шпанија за неколку недели“. Папата Лав XIV изјави дека ќе продолжи јавно да се изјаснува против војната и покрај критиките на Трамп, додавајќи дека не се плаши од него. Потоа им рече на новинарите во Алжир, каде што ја започна десетдневната турнеја во четири африкански земји, дека не сака да влегува во полемика со американскиот претседател, но нагласи дека Светиот Престол ќе продолжи да промовира мир и дијалог и гласно да зборува против војната.

Доналд Трамп рече дека, поради одлуките што ја разнишуваат кохезијата на Алијансата, Шпанија треба да биде исклучена од НАТО, но во Северноатлантскиот договор не постои механизам за суспензија или исклучување на членка, туку постои само доброволно повлекување, кое трае една година од официјалното известување за таа намера. Од неговото основање во 1949 година, никој никогаш не го напуштил НАТО, туку се случија два исклучока, но не во целосна смисла. Имено, Франција не се повлече од НАТО, но во 1966 година излезе од интегрираната воена структура на Алијансата, кога претседател беше Шарл де Гол, што значеше дека не учествува во заедничкиот команден систем, иако остана членка на политичкиот сојуз. Франција се врати во целосната воена структура во 2009 година, кога претседател беше Никола Саркози.

Вториот преседан го направи Грција, која во 1974 година ја напушти воената структура на НАТО по конфликтот со Турција околу Кипар, но остана членка на Алијансата и во 1980 година се врати во военото командување. Притоа и двете ги задржаа сите обврски што ги имаа, бидејќи ако една држава остане членка на НАТО, формално има обврски, само што тие не се секогаш строго спроведливи, туку повеќе се од политичка и безбедносна природа.

(Авторот е новинар)

Ослобоѓење

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот