„Верижна реакција“ – Јана Луловска

Самостојна изложба на Јана Луловска ќе биде претставена во „Галерија МЦ“ во Њујорк

Самостојната изложба „Природно“ (Effortless) на македонската интердисциплинарна уметница Јана Луловска на 5 ноември, во 18 часот, ќе биде отворена во „Галерија МЦ“ во Њујорк.

Изложбата „Природно“ (Effortless) на Јана Луловска претставува избор на дигитални графики кои ги истражуваат концептите на флуидност, трансформација и природниот тек на животот. Користејќи дигитални алатки, Луловска создава визуелен простор во кој движењето и промената стануваат централни елементи на изразување.

Изложбата „Effortless“ е инспирирана од движењето „Флуксус“, и со една убавина и грациозност го втемелува природниот тек на настаните и нашите одлуки и избори, трансформирајќи ги секојдневните предизвици во спокојни и трансцендентни мигови на едноставност.

Циклусот „Природно“ на Луловска преоѓа во многу повеќе од една збирка на дигитални слики; тоа е манифест за нов начин на согледување и создавање. Со прифаќање на флуидноста и во концептот и во медиумот, нејзините дела нудат визија за уметност која е неограничена, постојано менлива и која длабоко резонира со комплексноста на современиот живот. Делата служат за потсетник дека и покрај предизвиците во секојдневниот живот, постои убавина која може да се најде во течението, во флуидноста, во природните транзиции кои го дефинираат нашето постоење.

Дигитални графики од циклусот „Природно“

Јана Луловска е наградувана уметница чие творештво опфаќа фотографија, сликарство, графика, инсталација и експериментален филм. Таа има изложувано во Северна Македонија, САД, Франција, Германија, Италија и пошироко, а нејзините дела се дел од бројни меѓународни колекции.

Изложбата „Природно“ (Effortless) ќе биде отворена за посетители од 5 до 13 ноември во „Галерија МЦ“ во Њујорк. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 305, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот