Само 10 отсто од идните сопружници изнајмуваат матичар, луксузните венчавки се формулираат според просечната годишна бруто-плата

венчавка свадба
Архива / Unsplash / Louis Tosta

Според најновата промена на Правилникот на Управата за матични книги, ако местото на венчавката е оддалечено до 10 километри, тој луксуз ќе ги чини идните младоженци 10.484 денари! Доколку не дај боже, се предомислат или се спречени поради друга „виша сила“, идните сопружници треба да знаат дека нема да им бидат вратени парите уплатени за венчавка на терен

Македонската метропола и натаму нема репрезентативна и пристојна сала за венчавки, но Емир Сулејмани, директор на Управата за водење на матични книги, за „Слободен печат“ вели дека интензивно се бара соодветна локација и се прават напори со средства од сопствениот буџет таа да се уреди во најскоро време. Од пред неколку години венчавки не се одржуваат во Триумфалната капија, или во Музејот на револуционерната борба, па идните младоженци може да склучат брак во некоја од службените простории на Управата или да им дојде матичар во ресторанот пред свадбената веселба.

Во Управата има околу 500 вработени, а половината од нив се матичари, но сите не се расположени да одат на терен, иако им се плаќаат прекувремените работни часови. Најголемиот дел од идните бракови се склучуваат во матичните канцеларии и таа услуга чини само 150 денари (100 денари – административна такса и 50 денари за образецот на изводот од матичната книга на венчаните).

Само 10 отсто од новите бракови се склучуваат надвор од овие канцеларии и тие се засегнати од новиот Тарифник на Управата, според кој венчавките во неработни денови, за време на викендот и ако нивното место е оддалечено до 10 километри од 1 февруари, наместо 7.472, сега чинат 10.484 денари, што е зголемување од 20 отсто!

– Новите цени се законска обврска и тие еднаш годишно се пресметуваат според формулата за висината на просечната бруто-плата на годишно ниво. Така што ова не е наш хир, туку мора да работиме според закон. Инаку, Правилникот на Управата за матични книги е донесен во март 2011 година, и оттогаш не е сменет. Освен минималната такса, бесплатна е регистрацијата во матичните канцеларии – објаснува Сулејмани.

Директорот на Управата додава дека најголемиот дел идните сопружници го кажуваат своето „да“ во матичните канцеларии, а само десетина проценти од венчавките се склучуваат во специјализирани ресторани, во хотели, во шума, покрај некое езеро и таа ексцентричност чини пари.

Доколку вашиот избор е подалеку од 10 километри, што и не е реткост, тогаш цената на матичарот е зголемена за 100 проценти, односно над 21.000 денари! Венчавањето во ресторан не е задолжително и е по желба на младите и претставува еден вид луксуз, вели Сулејмани.

Во работно време и во работни денови, до 10 км оддалеченост, регистрацијата сега чини 4.765 денари, а по работното време, цената е 5.242 денари, односно за разлика од лани, цените се зголемени за 10 отсто.

– Граѓаните на Скопје имаат можност да се венчаат во просториите на ПО, како и во салите во состав на матичните одделенија во состав на матичните подрачја на Скопје. За жал се уште немаме соодветна сала за венчавки, но сме во потрага по соодветна локација која ќе ја уредиме. Сосема е реновирана нашата канцеларија во Маџари. Упатените велат дека во изминатава деценија освен граѓански, сè повеќе млади се решаваат и за црковен брак, кој е дополнителна ставка во свадбениот биланс, бидејќи за венчавка во некои епархии се наплаќа 7.700 денари.

Како поегзотични места што идните брачни двојки ги избрале за да го кажат своето „да“, биле Порта Македонија, Плоштадот во Скопје, Градскиот парк, скопското Кале, на брод среде Охридското езеро, на Милениумскиот крст на Водно, во Ботаничката градина во Скопје, во Музејот на револуционерната борба, дел од позначајните манастири и цркви низ Македонија, како и во зимските туристички центри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот