Доктор Јасмина Ѓоргиевска Павловска, директорка на Универзитетска Клиника за пластична и реконструктивна хирургија
Доктор Јасмина Ѓоргиевска Павловска, директорка на Универзитетска Клиника за пластична и реконструктивна хирургија

Сакал да ѝ покаже на внуката како се пукаат петарди, па му ги ампутираа прстите на Пластична хирургија

Користењето на пиротехника и овие празнични денови го зеде својот „данок“. Педесет и осумгодишен човек сакал да ѝ покаже на својата внука како се пукаат петарди, по што му биле ампутирани врвовите од прстите на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија информираше денеска на прес-конференција директорката на Клиниката доктор Јасмина Ѓоргиевска Павловска. Таа спомена уште еден случај каде 50-годишен граѓанин исто така бил хируршки третиран на Клиниката, но затоа што пиротехниката експлодирала во неговите раце откако ја одзел од дете.

Цел декември Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство во соработка со Клиниката за пластична хирургија во основните и средните училишта спроведуваа едукативна кампања да не се користи пиротехника. Вкупно 13.659 ученици во 135 училишта ширум државата ги следеа овие едукативни предавања каде им беа прикажувани реални случаи од Клиниката за да ги видат последиците од употреба на пиротехника.

-Од предавањата и од учениците разбравме дека родителите им ги купуваат пиротехничките средства, рече директорката Ѓоргиевска Павловска.

Министерот за здравство Азир Алиу упати апел преостанатите денови од празниците да се поминат без пиротехника бидејќи таа може да доведе до траен инвалидитет.

-Петардите не се играчка. Нивното користење е забрането, може да предизвика повреда на очите и дланките. Лекарите посочуваат дека за Нова година било интервенирано за посериозни поведи кај 7 лица. Извршена била ампутација кај некои од нив, имало и изгореници. Три деца се примени во Ургентен центар, две лица се примени на Пластика и 2 деца на Детска хирургија. Овие 7 интервенции се потсетник за трајните последици. Родителите да не дозволуваат пиротехника во рацете на децата, порача Алиу.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски зборувајќи за превентивната кампања „Кажи не за пиротехника“ укажа дека станува збор за една поголема цел на кампањата а тоа е јакнење на јавната безбедност и културата на јавното однесување. Според него, одговорното однесување во семејството, комуникацијата со децата и недозволувањето пристап до пиротехника од страна на родителите се клучни фактори да се намалат негативните последици.

-Ниедна прослава и обичај не може да е оправдание. Последиците од неовластена употреба на пиротехника се трајни и неповратни, истакна министерот додавајќи дека една непромислена постапка може да резултира со негативни последици за целото семејство и поединецот, вклучително и неговата работоспособност.

Министерството за внатрешни работи во декември фати полицаец за кој има индиции дека нелегално внесувал и транспортирал пиротехника во земјава. Фатен беше на подрачјето на СВР Велес. Само во тој случај се работеше за 35 тони пиротехника која уште се пребројува и се вештачи. Во 2025 година неземајќи ја предвид оваа количина од 35 тони во тој случај, запленети се 252 илјади парчиња пиротехника и 37 лица се лишени од слобода. Во 2024 година запленети се околу 84 илјади парчиња пиротехника и фатени се 32 сторители.

ВИДЕО | Полицаец од Бит-пазар не сакајќи ги одведе колегите до 25 тони пиротехника

 

 

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот