САД ја одобрија првата таблета за контрацепција без рецепт

Лекови МИА
Лекови/ Фото: МИА

Американската администрација за храна и лекови (ФДА) објави дека апчињата за контрацепција Опил ќе бидат достапни без рецепт за жени од сите возрасти. Агенцијата во соопштението наведе дека одобрувањето на првата таблета без рецепт на американскиот пазар ќе помогне да се олеснат бариерите за жените да пристапат кон контрацепција, пренесе Би-Би-Си.

Производителот на Опил објави дека најверојатно ќе биде достапен во аптеките на почетокот на 2024 година, но цената сè уште не е позната. Лекарите велат дека таблетата само со прогестин, често позната како „мини пилула“, е побезбедна форма на контрола на раѓањето бидејќи не содржи естроген, што значи дека има помалку несакани ефекти и здравствени ризици.

Најчестите несакани ефекти на Опил вклучуваат неправилно крварење, главоболки, вртоглавица и гадење. САД им се придружуваат на повеќе од 100 земји ширум светот кои дозволија апчињата слободно да се продаваат, вклучувајќи ги повеќето земји во Латинска Америка, како и Индија, Кина и Велика Британија.

„Кога се користи како што е наведено, дневната орална контрацепција е безбедна и се очекува да биде поефикасна од моментално достапните контрацептивни методи без рецепт за спречување на несакана бременост“, рече д-р Патриција Кавацони, директор на Центарот за евалуација и истражување на лекови при ФДА.

Одобрувањето доаѓа откако експертскиот советодавен одбор на ФДА во мај едногласно гласаше за да препорача пилулата да биде достапна преку шалтер. Некои научници изразија загриженост за тоа дали младите жени и оние со ограничена писменост можат да ги разберат упатствата, вклучително и да не ја земаат таблетата ако имале рак на дојка.

Но, членовите на комисијата заклучија дека жените со рак на дојка се во контакт со своите лекари и свесни дека не треба да земаат хормонална контрацепција.

Експертите велат дека жените, особено тинејџерките, се соочуваат со бројни бариери за пристап до услугите за репродуктивно здравје, вклучително и недостаток на здравствено осигурување и тешкотии при наоѓање превоз до прегледите на лекар.

Жените, исто така, понекогаш се соочуваат со стигма и срам кога се обидуваат да ја добијат пилулата, додаваат експертите. Во САД, некои студии открија дека речиси половина од бременостите се непланирани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот