САД и Германија се спогодија за Северен тек 2

Северен тек 2/Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Сепак, многу држави останаа незадоволни од договорот, аргументирајќи дека со Северен тек 2 ќе се зголеми зависноста на европските земји од Русија

По состанокот на американскиот претседател Џо Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел, Соединетите Американски Држави и Германија постигнаа компромис околу контроверзниот гасоводен проект Северен тек 2. И двете страни изјавија дека договорот ќе ја спречи Русија да го користи гасоводот како политичко оружје. Исто така, Северен тек 2 ќе ја заобиколи Украина, која зависи од приходите од транзитот на гас.

„САД и Германија се обединети во својата решеност да ја повикаат Русија на одговорност за нејзината агресија и злонамерни активности, наметнувајќи трошоци преку санкции и други средства“, се вели во заедничкото соопштение на двете земји.

Сепак, многу држави останаа незадоволни од договорот, аргументирајќи дека со Северен тек 2 ќе се зголеми зависноста на европските земји од Русија.

Речиси завршениот гасовод,чијашто вкупна цена се очекува да изнесува околу 10 милијарди евра, ќе има капацитет да спроведе 55 милијарди кубни метри гас годишно во Европа преку Балтичкото море и ќе го удвои извозот на руски гас во Германија.

Компромисот меѓу САД и Германија наиде на жесток отпор, пред сѐ на Украина, која годишно губи околу 3 милијарди долари надоместок за транзит на гас, но и држави-членки на Европската Унија – Полска, Литванија, Естонија и Летонија.

„Ги повикуваме САД и Германија соодветно да одговорат на безбедносната криза во нашиот регион“, наведоа во заедничко соопштение министрите на Полска и Украина. Одлуката за Северен тек 2 не може да се донесе зад грб на сите оние кои се загрозени од него“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Аналитичарите го критикуваа Бајден, кој во својата кампања за претседател го нарекуваше проектот Северен тек „лош бизнис“, дека се премислил. Неговата администрација се одрече од санкциите кон компанијата Гаспром која го води проектот и нејзиниот директор Матијас Варниг, пријател на рускиот претседател Владимир Путин.

Уште од февруари, администрацијата се обидуваше да постигне договор со Берлин за да ја надомести штетата која завршувањето на проектот би ја донела на Украина и на другите држави од Источна Европа. Пет месеци подоцна, договорот беше постигнат. Во замена за дозволата Москва да ја заобиколи Источна Европа со снабдување со гас, САД и Германија, според соопштението, се обврзаа да поддржат фонд од 1 милијарда долари за Украина да ги диверзифицира своите извори на енергија, а Германија прво ќе обезбеди грант од 175 милиони долари.

Во соопштението исто така беше наведено дека доколку Русија енергијата ја користи како оружје или се обиде да преземе понатамошни активности против Украина, Германија ќе преземе акција на национално ниво. Сепак, со укинувањето на санкциите, Кремљ доби критики дека го засили лошото однесување. Гаспром ја намали испораката на гас во Европа, а Путин изјави дека Гаспром ќе прати повеќе гас низ Украина само ако Киев се однесува како што треба.

Во март 2014 година, Русија го анектираше Крим по нелегалниот референдум, кој привлече меѓународна осуда, бидејќи руските војници го окупираа регионот за време на процесот на гласање. Заедно со Генералното собрание на ОН, САД, ЕУ и Турција не го признаваат Крим како руска територија.

Иако САД и Германија ветија дека Украина ќе добие финансиски надоместок, критичарите велат дека е прашање дали тој ќе ги покрие тие 3 милијарди долари надоместок за транзит на гас.

Договорот дефинитивно создава главоболки за Бајден, кој беше обвинет за „активно помагање на Путин“. „Ова ќе биде генерациска геополитичка победа за Путин и катастрофа за САД“, изјави републиканецот Тед Круз, додавајќи дека „за неколку децении, руските диктатори ќе профитираат милијарди од Бајденовиот подарок, а Европа и понатаму ќе биде уценувана од рускиот енергетски сектор“. Не само републиканците, туку и демократите остро го критикуваа потегот на американскиот претседател.

Минатата недела, Кремљ изјави дека Путин и Меркел се „задоволни што градбата на Северен тек 2 е при крај“. Се очекува изградбата на гасоводот да биде финализирана наесен, а експерти од Институтот за Енергетски студии во Оксфорд изјавија дека процесот на сертификација би требало да трае највеќе 10 месеци.

 

Извори:

https://www.blic.rs/vesti/svet/totalna-predaja-putinu-amerika-aminovala-severni-tok-2-a-ova-zemlja-ce-platiti-cenu/g8dpq2h

https://www.dw.com/mk/%D1%81%D0%B5%D0%B2%D0%B5%D1%80%D0%B5%D0%BD-%D1%82%D0%B5%D0%BA-2-%D1%81%D0%B0%D0%B4-%D0%B8-%D0%B3%D0%B5%D1%80%D0%BC%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B3%D0%B8-%D0%B7%D0%B0%D0%BA%D0%BE%D0%BF%D0%B0%D0%B0-%D1%81%D0%B5%D0%BA%D0%B8%D1%80%D0%B8%D1%82%D0%B5/a-58586655

https://www.trt.net.tr/makedonski/sviet/2021/07/22/sad-i-giermanija-postighnaa-doghovor-okolu-sievierien-tiek-2-1678560

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот