Сѐ е во насмевката, повторно!

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Го видовте ли дуелот на МРТВ, почитувани читатели, измеѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски? Не беше тоа некоја епохална дебата, Заев можеше уште посилно и реторички многу подобро, а Мицкоски можеше да биде уште повеќе намуртен, мрачен и депресивен, како што само тој знае и умее.  Сепак, моментот е интересен: се наоѓаме во предизборие!

Мрачните сили, ретроградната ВМРО-ДПМНЕ е „распиштолена“, се обидуваат да протнат повторно глупави тези од типот: „ќе правиме влада за национално единство“ (а, како може да биде нивното национално единство „единствено“, ако не ги вклучува нив лично, а ги исклучува сите други?); или какво национално единство може да постои, а тоа да не значи дека повторно ќе го озваничат стариот идеолошко-ментален брак со Никола Груевски?

Од друга страна, Заев е брз, не обраќа премногу внимание на тој срам и несреќа, создава ново парламентарно мнозинство со партијата „Беса“, а ако добро исчитувам, возможно е да направи коалиција и со Алијанса. Што значи дека е инклузивен, а со тоа и дека прави место за Албанците во новата влада. Така е добро, така е единствено исправно. Покрај тоа што се Албанци, и нека се, сите сме нешто во оваа земја, тие се и граѓани на оваа држава во која имаат свои права и одговорности.

Но да се вратиме на дебатата: седнуваат двете политики на соочување. Мицкоски за брзо време се поти, трокира, испарува, кружи „као киша око Крагуевца“, држи „предавања“, го брани она што не се брани, празно, глупаво и аферашки. Заев возвраќа и се брани, напаѓа на средина на теренот, имав впечаток дека цело време му досадуваат глупавите тези на противникот, па го погодува во центар, му создава кратери. Мицкоски, во стилот на терминатор, е самообновлив: му ја расцепуваш главата на два дела, а тој за момент се шие и тера натаму. Нема тука разумна аргументација со Мицкоски, неговите епигони не даваат пет пари за разумна аргументација, доволно им е само да врескаат „Мицкоски, Мицкоски“, или „Груевски, Груевски“, тоа ним им е сосема доволно.

Убаво се гледа, ти ги гледаш тие две македонски политички парадигми. Мицкоски разбира што се случува, не е тоа баш наивен тип, ама проблем е нивното членство кое е форматирано со паметта на Груевски. Заев од друга страна е опуштен, јасен, директен, понекогаш се смешка до граница на жовијалност – но не и понатаму! – и зборува мирно, со голема ведрина и опуштеност. Оттргнете се од „главните теми“, следете ја нивната комуникација со водителот, нивниот очен контакт, гестот и гримасите ѝ ќе го видите оној судир на светови.

Заев е ироничен, некогаш и самоироничен, притоа нуди решенија, создава цели и светови. Се бори за сите граѓани, ја стега тупаницата, гребе, гризе, не му е сеедно за земјата и граѓаните. Мицкоски од друга страна е збунет, сув, како да нема крв во себе. Не се бори за никого, а не се бори ниту за себе. Обичен гледач имаше чувство дека се работи за човек што предвреме се предал, нема за кого да се бори. Нема ниту со што. Секоја негова аргументација паѓа во вода, оти каква е таа аргументација ако цело време се повикуваш на лажни вести, подземни скандали, афери и други измислици. Не нуди Мицкоски ништо, тие би сакале само да земат. Исто, на ист начин како на времето додека му беа советници „од сенка“ на Груевски. Нема живот со Мицкоски, знаат тоа и симпатизерите на нивната партија.

И по три години, и по десет години груевизам, работата и понатаму е во насмевката и ведрината на духот. Во насмевката, грижата за сите граѓани, во љубовта за својата земја, ако така сакате. Не во изнудено „кривење“, туку во насмевката и ведрината на духот, почитувани читатели. Се обидува Мицкоски да се смее, се труди, ама не му оди, не му личи насмевка, насмевката секогаш оди со каков-таков човечки шарм. Не може Мицкоски да се соочи со Заев, прво затоа што е намуртен, гласот му трепери, видно е несреќен и потресен од сите негови душмани кои лошо му мислат. Тјах! Сте забележале ли во оваа кампања кој од денешните кандидати на ВМРО-ДПМНЕ се смее: пристојно, пријателски и човечки? Нема таков. Сѐ е намрштено, сѐ е џмурливо, сѐ е лошо. Добро, можеби Силјановска делува малку ведро, ама таа ми се чини како да не е во кампања, туку на Вудсток. Влезена е „бабичката“ во некој хипи филм, што може и не е толку лошо, познавајќи ја суријата од несреќни и смртно сериозни ликови околу неа.

И натаму, драги пријатели, лебди насмевката на Зоран Заев. Лебди таа насмевка која ќе биде одлучувачка и на овие избори. Насмевката на Зоран Заев. Насмевка од проекти, насмевка од надеж и насмевка за подобра иднина. Таа насмевка на Мицкоски му предизвикува патолошка омраза, Заев му дава можност да зборува, да понуди проекти и решенија, а Мицкоски го плука, го клевети, во желба да каже нешто „многу важно“, ама разумен глас нема, а го нема затоа што од полуписмен десетар не можете да очекувате ниту разум, а богами ниту логика, затоа што во Мицкоски се кријат многу нездрави амбиции, а таквите амбиции, кога ќе им речете нешто да зборуваат, најчесто излегува едно големо ништо. И тоа ништо уште неколку дена ќе развикува по мојата земја, ќе скандализира и клевети, правејќи се дека е живо, а сѐ повеќе, со секој следен децибел, сѐ помалку ќе се слуша, како да е удавено со малечка перница од насмевката на Зоран Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот