Вилма Русковска, јавен обвинител/Фото: Слободен печат

Русковска: Груби можеби кажал работи кои ќе му користат на Обвинителството

Тој шест часа давал исказ, значи може кажал работи кои ќе му користат на Обвинителството. Може и поради безбедносна процена и поради тоа што, на пример, за други предмети би имале корист од него. Може и за тоа станува збор, ама во моментов само нагаѓам, вели Русковска за „Слободен печат“.

„Прашање е колку тука има вина Обвинителството, бидејќи се повикува на информации на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), а можеби и кажал работи кои ќе му користат на Обвинителството“, изјави за „Слободен печат“ поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска во врска со испраќањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби во куќен наместо во ефективен притвор, и тоа откако самиот се пријави на граничниот премин „Блаце“ по повеќе од една година помината во бегство.

Додека министерот за правда Игор Филков со име и презиме ги прозиваше обвинителот, неговиот шеф и судијата кои решиле Груби да го вратат дома., Обвинителството се повикува на информации на Министерството за внатрешни работи (МВР) и од АНБ, органи кои се дел од извршната власт, чиј составен дел е и претставникот на партијата ЗНАМ во Владата на премиерот Христијан Мицкоски. АНБ не излезе со детали како ја направиле безбедносната проценка дека Груби не е безбеден во истражниот затвор во Шутка. Единствено со кратка информација излегоа од МВР.

„Министерството за внатрешни работи, согласно своите законските надлежности, ги сподели со Јавното обвинителство сите информации и сознанија со кои располагаше, а кои се однесуваат на конкретното лице, вклучително и информациите од Агенцијата за национална безбедност. Во понатамошната постапка, одлуките за барање и определување на мерките ги носат исклучиво надлежното Обвинителство и Судот“, велат од МВР.

„Барањето крв“ по одредувањето на куќен притвор за Груби се сведе на политички популизам без никакво образложение од извршната власт, на чело со ВМРО-ДПМНЕ, партијата што како опозиција ја обвинуваше власта за „дилови“, а сега самата е на удар дека се договорила со довчерашниот бегалец од правдата Груби.

Русковска: Груби сам се врати, нелогично е пак да бега

 

Русковска вели дека нема информации за конкретниот случај, но таа го споменува и фактот што Груби во Обвинителство остана на распит со часови.

– Не знам колку е тука виновно Обвинителството, бидејќи и АНБ и МВР доставиле докази дека не е безбеден во истражниот затвор. Од друга страна, тој шест часа давал исказ, значи може кажал работи кои ќе му користат на Обвинителството. Може и поради безбедносна процена и поради тоа што, на пример, за други предмети би имале корист од него. Може и за тоа станува збор, ама во моментов само нагаѓам – вели Русковска.

Таа го споменува и случајот со поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кој на кратко го немаше пред пет години (48 часа), па се пријави сам во Обвинителството.

– И Мијалков отиде во куќен притвор, не избега и беше достапен на органите на прогонот. Значи, притворот не е казна, тој е мерка за обезбедување присуство, а Артан Груби сам се врати и која е сега логиката пак да бега. Не знам зошто извршната власт се меша во работата на Обвинителството, тоа не е дозволено. Обвинителството, според Устав, е самостоен орган во донесувањето одлуки, извршната власт не смее ниту да коментира ниту да се меша во одлуките ниту на Обвинителството ниту на Судот – вели Русковска.

Јошевска Анастасовска: Нема потреба од итна седница на Судскиот совет

 

Филков беше единствен од извршната власт кој излезе со јавни напади против обвинителите и судиите со имиња и презимиња и повик до Советот на јавни обвинители и Судскиот совет да утврдат одговорност за судијата и обвинителите кои донеле одлука Груби да оди во куќен притвор. Сепак, неговите повици наидоа на апели извршната да не се меша во работата на судската власт.

Судскиот совет немаше официјална реакција, освен јавниот став на членот на Судскиот совет, Сузана Јошевска Анастасовска.

„Судија не смее да изрече мерка притвор ако има предлог од обвинител за куќен притвор. Нема потреба од итна седница на Судскиот совет за да се расправа основно правило во кривична постапка“, напиша таа на Фејсбук.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Башким Бесими, вели дека евентуална одговорност може да се утврди во Обвинителството, а не во Советот, кој работи на конкретни предмети и додаде дека тие работат само по жалби.

– Слушав од медиумите за прозивките, но ингеренциите на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители се поинакви. Ние можеме да расправаме, но за тоа одлучуваат републичкиот и вишиот обвинител, има хиерархија – рече тој.

За него не е во ред прозивањето на министерот со име и презиме и вели дека секој предмет треба да се гледа одделно.

Груби во понеделникот се предаде сам на граничниот премин „Блаце“ и само неколку часа беше во притвор во Шутка. Оттаму беше однесен на распит во Обвинителството кое предложи да му биде одреден куќен притвор, а судија на претходна постапка уште истиот ден го прифати предлогот и Груби замина дома со 24-часовно полициско обезбедување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот