Рускоска: Груевски кукавички избега пред да се соочи со правдата за „крвавиот четврток“

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Обвинетиот Миле Јанакиески рече дека ќе се потруди јавноста да ја дознае вистината за настанот и не се чувствува виновен.

Основното јавно обвинителство ќе докаже дека обвинетите изготвиле план да ја загрозат државата за да нема мирно предавање на власта. Секој од овие обвинети е коцка од мозаикот. Ќе слушнете дека биле во штабот на критичниот ден. Ќе слушнете дека Вељаноски бил во Собранието и не знаел за никаков план, а Атанасовски дека бил на ракометен натпревар и таму дознал за немилиот настан. Ама не е така. Ќе слушнете поинакви сведочења и други докази, изјави во својот уводен збор обвинителката Вилма Русковска, читајќи го обвинителниот акт против четворицата обвинети „мозоци“ за насилството кое се случи на 27 април пред две години во Собранието на Македонија.

– Ќе ви презентираме докази како Јанакиески и Ристовски го организирале народ. Ќе ги слушнете пораките кои тој ден се испраќани до членовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Тие што ги отвориле вратите во Собранието тоа им било кажано од сега обвинетите и од Никола Груевски, кој кога требаше да се соочи со правдата кукавички избега. Вељаноски постапи спротивно на Дневниот ред, и се допишувал со Никола Груевски. Не го спречи пратеникот Зеќирија Ибраими да ја испее химната на Албанија, што беше иницијална каписла. Вељаноски ништо не стори да го спречи лудилото. Неговиот шеф на обезбедувањето Горан Ѓошевски им помогна да стигнат до сала број три каде што беа пратениците од новото парламентарно мнозинство. Атанасовски тогаш директор на УБК ги организирал членовите на Александар Василевски – Нинџа и водачите на патриотските здруженија. Тој лицата Оливер Радулов и Сашо Марковски ги испратил да ги одземат дисковите од надзорните камери од Собранието за да не се види тоа што се случило тој ден, рече јавната обвинителка.

Рускоска воведните зборови ги заврши со цитат од Гоце Делчев.

„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа“.

Обвинетиот Трајко Вељановски рече дека ова е класичен политички акт и за тоа има докази.

– Ни најмалку не се чувствувам виновен за мојот политички прогон – рече Трајко Вељаноски.

Спиро Ристовски, пак рече дека апсолутно не е виновен и за него било политички прогон.

Обвинетиот Миле Јанакиески рече дека ќе се потруди јавноста да ја дознае вистината за настанот и не се чувствува за виновен. Обвинетиот Владимир Атанасовски рече дека не е виновен за делото по кое е обвинет.

За следното рочиште кое е закажано за 9 март за сведоци се предложени Оливер Спасовски и Михаил Младеновски.

Во предметот обвинети се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Според обвинителството, на почетокот од 2017 година по неуспешните преговори за формирање влада, обвинетите подготвиле и реализирале план за упад во Собранието за да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот