Руски дрон погоди зграда во Романија – повредени жена и дете
Жена и 14-годишно дете се повредени во експлозија утрово откако руски дрон погоди станбена зграда во романскиот град Галати. Каталин Сион, портпарол на локалната противпожарна служба, потврди дека повредените се во стан кој бил оштетен во експлозијата, објавуваат светските медиуми.
Препорачано
„Дронот удрил во покривот на зградата, а ударот предизвикал експлозија што го погодила станот подолу. Не го погодил директно станот, туку покривот. Во станот погоден од експлозијата имало две лица кои биле полесно повредени: 51-годишна жена и 14-годишно дете“, рече Сион.
Според него, жената и детето се евакуирале сами, а подоцна биле однесени во болница со полесни повреди и изгореници. Сион рече дека дронот експлодирал по ударот.
„Дронот се урна во станбена зграда, а по ударот следеше експлозија и пожар во стан на десеттиот кат. Специјализирани тимови на ISU Галаци и Романската разузнавачка служба (SRI) спроведуваат истрага. 70 лица беа евакуирани, а нивното враќање во своите домови ќе биде одлучено по стручен преглед. Луѓето отидоа кај роднини и пријатели, тие не бараа сместување што го нуди градот“, додаде портпаролот на противпожарната служба.
Како „руски дрон“ заврши на куќа во Молдавија и кој стои зад операцијата?
Градската администрација на Галаци соопшти дека, доколку е потребно, е можно да се стави на располагање зграда со социјални станови за станарите на погодената зграда.
Министерството за одбрана во петокот објави, по падот на беспилотно летало во Галаци, дека од почетокот на војната во Украина, фрагменти од беспилотни летала се пронајдени во 47 ситуации на романска територија, од кои 12 само оваа година. Според министерството, од почетокот на војната се регистрирани повеќе од 90 напади на украинска територија во близина на границата со Романија. Во 28 случаи е регистрирано навлегување на руски беспилотни летала во националниот воздушен простор.
Само оваа година се регистрирани 32 ситуации на напади во близина на границата, а во 23 случаи се подигнати авиони на воздушната полиција. „Во 15 ситуации, вклучувајќи ја и денешната, регистрирани се неовластени упади на беспилотни летала во националниот воздушен простор. Во 12 ситуации, фрагменти од беспилотни летала се пронајдени на територијата на Романија“, наведува Министерството за одбрана.


