Русија застана во одбрана на Венецуела
Американската војска потопи уште еден „нарко-брод“ во Карибите, што предизвика остра реакција од Москва. Кремљ ги обвини САД за „прекумерна употреба на сила“, тврдејќи дека воените операции на Вашингтон против трговците со дрога го кршат меѓународното право и суверенитетот на Венецуела, објави Дojче Веле.
Препорачано
Москва стои зад режимот на Мадуро
Руското Министерство за надворешни работи издаде соопштение во кое остро ја осудува „употребата на непропорционална воена сила“ за време на американските операции во Карибите.
„Ваквите дејствија ги кршат не само американските закони, туку и основните норми на меѓународното право“, се вели во соопштението на министерството.
Кремљ ја повтори својата поддршка за владата во Каракас и претседателот Николас Мадуро во „одбраната на националниот суверенитет на Венецуела“. Портпаролот Дмитриј Песков рече дека Русија сака „ситуацијата да остане мирна и да се избегнат нови конфликти во регионот“, објави руската државна новинска агенција ТАСС.
Руска воена помош за Каракас?
ТАСС објави дека Кремљ реагирал на написот во „Вашингтон пост“, според кој Мадуро побарал руска воена помош, особено во областа на воздушната одбрана. Москва и Каракас неодамна потпишаа договор за партнерство, но доколку не е познато, тој не вклучува одредби за воена соработка.
Министерството за одбрана на САД објави дека во саботата на Карибите е извршен напад врз мал брод кој, според тврдењата на САД, превезувал дрога. Тројца мажи беа убиени за време на нападот во меѓународни води.
„Бродот пловел по позната рута за шверц“, изјави министерот за одбрана Пит Хегсет на платформата X, без да даде дополнителни детали.
Тој прикачи видео клип на објавата на кој се гледа како ракетата го погодува бродот, кој потоа експлодирал и исчезнал во пламен.
„Американската војска ќе продолжи да ги гони и уништува трговците со дрога“, рече Хегсет.
Зголемено американско воено присуство
Од почетокот на септември, американските сили извршија неколку напади врз бродови за кои се сомнева дека се занимаваат со трговија со дрога во Карибите и источниот Пацифик. Според Вашингтон, најмалку 65 лица, претежно шверцери, биле убиени во овие операции.
САД испратија неколку илјади војници, воени бродови и авиони во водите околу Венецуела, вклучувајќи го и најголемиот носач на авиони во светот, УСС Гералд Р.Форд.
Активностите на САД беа осудени од меѓународната заедница. Експертите за човекови права на Обединетите нации веруваат дека нападите на Вашингтон го кршат меѓународното право. Правните аналитичари дополнително прашуваат зошто војската се користи во такви операции, а не крајбрежната стража – телото законски одговорно за спроведување на законот на море.


