Русија тврди дека повеќето морнари од потопениот брод „Москва“ се спасиле, докази нема

Фото: Naval Graphics/Twitter

Руското Министерство за одбрана, на кое му требаше цел ден да ја признае загубата на бродот-предводник на нејзината Црноморска флота, „Москва“, сега тврди дека успешно е извршена евакуација на 510 морнари од бродот и дека тие се префрлени во пристанишниот град Севастопол, како и дека ќе продолжат да ѝ служат на руската воена морнарица, пишува „Телеграф“.

Наспроти ова, западни извори тврдат дека стотици руски морнари загинале откако ракетниот крстосувач „Москва“ беше погоден со две украински ракети во Црното Море, по што потона.

Според руските воени власти, на бродот се случил пожар, а тој потонал поради немирното море. Тие не наведуваат точна бројка на загинати, но тврдат дека поголемиот дел од посадата на „Москва“ биле навреме евакуирани. Во текстот на државната агенција ТАСС за случувањата во четвртокот, најпрвин стоеше дека целата посада била спасена, за подоцна да биде избришан зборот „цела“.

Сепак, и два дена по потонувањето на бродот, нема конкретни докази дека кој било од членовите на посадата успеал да го преживее нападот и потонувањето на „Москва“. Нема фотографии или снимки од преживеаните. Во Севастопол во петокот се собраа неколку десетици луѓе, кои на главниот плоштад во градот поставија венец со натпис „За Москва и нејзиниот екипаж“. Имаше и информации дека дел од морнарите се спасени.

Литванскиот министер за одбрана, Арвидас Анусаускас изјави дека турски брод спасил најмалку 54 морнари од рускиот крстосувач, откако утрото во четвртокот бил испратен повик за помош. Не е познати што се случило со нив, пишува „Телеграф“. Доколку се покаже оти е вистина дека повеќето руски морнари од „Москва“ загинале, тоа би била најголемата воена загуба на Русија по Втората светска војна, пишува британскиот весник.

Дури во сабота, Министерството за одбрана објави снимка на која се гледа командантот на Руската морнарица, адмиралот Николај Евменов, како се поздравува со десетици униформирани морнари. Засега нема никаква потврда за тоа кога е направена снимката и кој точно се гледа на неа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот