Русија до Америка по заплената на танкерот: „Бидете хумани со екипажот“
Русија во средата соопшти дека заплената на танкерот што пловеше под руско знаме од САД во Атлантикот претставува кршење на меѓународното поморско право, а висок руски пратеник ја оцени акцијата како „отворено пиратство“, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Руското Министерство за транспорт информираше дека е изгубен контактот со бродот „Маринера“, откако американските поморски сили се качиле на него во близина на Исланд, во рамки на напорите на Вашингтон да го блокира извозот на нафта од Венецуела.
„Согласно Конвенцијата на Обединетите нации за морско право од 1982 година, на отворено море важи слободата на пловидба и ниту една држава нема право да употребува сила врз бродови што се уредно регистрирани во јурисдикција на друга држава“, се наведува во соопштението на Министерството.
Москва бара од САД да обезбедат хуман и достоинствен третман на руските членови на екипажот и нивно брзо враќање во татковината, соопшти Министерството за надворешни работи.
Танкерот „Маринера“, претходно познат како „Бела-1“, и претходно успеал да ја пробие американската поморска блокада на санкционирани бродови во Карипскиот регион.
Блокадата е дел од американската кампања за притисок врз Венецуела, која кулминираше на 3 јануари, кога претседателот Доналд Трамп испрати американски специјални сили за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и негово префрлање во Њујорк, каде што треба да се соочи со обвиненија за трговија со дрога, кои тој ги негира.


