Рудникот Саса од вторник ќе почне со чистење на јаловината од Каменичка река

Рудникот Саса во вторник ќе го отпочне процесот за чистење на истечената јаловина при хаваријата што се случи на 14 септември годинава. Во своето соопштение до јавноста од рудник Саса велат дека ова ќе биде прва фаза за отстранување на хиројаловината која истеле во коритото на Каменичка река.

– Од вторник (13 октомври) Рудник Саса ќе отпочне со прва фаза на отстранување на јаловина која истече како резултат на инцидентот на Хидројаловиште на 14 септември по течението на реката во должина од 11,5 километри. Чистењето на јаловината ќе се одвива согласно техничка документација во чија подготовка учество зедоа домашни и странски експерти. Оваа фаза од чистењето ќе започне од речното корито кое поминува низ градската зона на Македонска Каменица, а потоа ќе продолжи по целата должина на реката, од јаловиштето на рудникот САСА, па сѐ до езерото Калиманци, информираа од рудникот.

Рудникот Саса казнет 50 илјади евра

За чистење на речното корито кое поминува низ градската зона на Македонска Каменица, како што се додава во соопштението, ќе биде употребена механизација, согласно предвидена метода за чистење, а собраниот наталожен материјал ќе биде адекватно отстранет и дислоциран на соодветни локации во рудникот.

– Притоа ќе бидат преземени сите мерки за да се минимизира сообраќајот на возилата во центарот на градот како резултат на овие активности за расчистување. Динамиката на работа ќе се прилагодува на временските услови и ситуацијата на теренот и затоа ве молиме за трпение и внимателно движење во зоните на извршување на работите, додаваат од рудник Саса.

Професор Трајче Стафилов за хаваријата на рудникот Саса: Oловниот талог е опасен за почвата и за луѓето

Истовремено, како што се посочува, со цел работата да се доведе во ред, рудник САСА и понатаму останува отворен за сите мислења и предлози на граѓаните. Своите предлози граѓаните можат да ги достават во канцеларијата на Рудник Саса сместена во зградата на општината Македонска Каменица, која работи секој петок, од 8 до 16 часот, со почитување на сите превентивни мерки и протоколи за заштита од Ковид-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот