Професор Трајче Стафилов за хаваријата на рудникот Саса: Oловниот талог е опасен за почвата и за луѓето

Професор Трајче Стафилов
Професор Трајче Стафилов

Доколку овој материјал завршил врз околната почва, тој со време ќе се исуши, а неговите компоненти потоа во вид на фина прашина, можат да се пренесуваат на поголеми дистанци и можат луѓето да ги вдишуваат. Поради ова е нужно ова побргу да се санира – вели професорот Стафилов од Природно-математички факултет.

Два дена по излевањето на хидројаловиштето на рудникот Саса во Македонска Каменица, кога околу 3.000 кубни метри кал помешана со олово-цинкови соединенија завршија во Каменичка Река, не стивнува загриженоста на јавноста во врска со последиците на оваа еколошка хаварија.

„Дали се свесни професорите од Рударско-геолошки факултет од Штип, кои ја смируваат јавноста, дека се случил сериозен еколошки инцидент идека со него во целост се загадија подземните води и почвата на локално ниво?“ прашува хидрогеологот д-р Костадин Јованов и бара од своите колеги да излезат со конкретни одговори.

Професор Tрајче Стафилов од Природно-математички факултет, катедрата по хемија, смета дека сè уште e рано да се каже како излевањето на олово-цинковата јаловина ќе се одрази врз живиот свет.

– Влијанието ќе биде во зависност од количеството на испуштениот материјал и во зависност од тоа во каква форма се оловото и цинкот, бидејќи тие се вообичаено присутни во соединенија и секогаш се содржани во некакви минерали, а не се како слободни метали – вели професор Стафилов.

Според него, овој инцидент има поголеми импликации врз загадувањето на почвите во околината, а доколку тие материјали се растворливи, можат да се пренесат и во организмите.

– Доколку овој материјал завршил врз околната почва, тој со време ќе се исуши, а неговите компоненти потоа во вид на фина прашина, можат да се пренесуваат на поголеми дистанци и можат луѓето да ги вдишуваат. Поради ова е нужно ова побргу да се санира – вели професорот Стафилов.

За наводнување на земјоделските површини, професор Стафилов смета дека ќе нема големо загадување, потсетувајќи на сличниот пример со хаваријата на јаловиштето на Саса од пред една и пол деценија.

– Во 2003 имавме ваква хаварија и тогаш е испитувана водата на реката Брегалница после браната на Калиманци и немаше концентрации на овие тешки метали, олово, цинк и кадмиум над дозволените. Очекувам и овој пат да биде нешто слично – вели тој.

Движење на екологистите: Штетата ќе биде долгорочна

Движењето на екологистите од Кавадарци вчера реагираше на излевањето на јаловиштето на рудникот Саса и потсети дека штетата не е од краток и брзо минлив карактер, туку ќе биде подолгорочна.

– Особена штета ќе имаат општините што се снабдуваат со бунарска вода. Затоа треба да има соодветни реакции од надлежните инспектори и институции, кога станува збор за овие големи еколошки проблеми-хаварии – вели претседателот на движењето, Никола Миленкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот