РПЦ: Вселенскиот патријарх не треба да се меша во дијалогот помеѓу СПЦ и МПЦ

Во однос на случувањата во Црна Гора, истакнува дека РПЦ цврсто стои до СПЦ и нејзините верници во нивната „благородна, света борба против законот со кој црногорските власти директно се вмешаа во црковни работи”.

Претседателот на Одделението за надворешни врски на Московската патријаршија, митрополитот Иларион Алфејев смета дека прашањето за канонскиот статус на МПЦ треба да се решава исклучиво во дијалог со Српската православна црква, без мешање на вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Во изјава за белградски „Новости”, митрополитот Иларион вели дека „Руската православна црква е длабоко убедена дека прашањето треба да се решава исклучиво преку дијалог меѓу СПЦ и православната црква во Северна Македонија дека цариградскиот патријарх никако не припаѓа на тој дијалог”.

– Промената на позицијата на Вартоломеј под влијание на политичарите, од наша гледна точка, претставува канонски престап за кој ќе одговара пред Бог. Ако се плетка и во односите меѓу СПЦ и македонската црква, постојат стравувања дека тоа ќе предизвика слични последици, изјави Иларион.

Во однос на случувањата во Црна Гора, истакнува дека РПЦ цврсто стои до СПЦ и нејзините верници во нивната „благородна, света борба против законот со кој црногорските власти директно се вмешаа во црковни работи”.

Иларион, кој ја извршува должноста шеф на дипломатијата на РПЦ, вели дека претседателите на државите не можат да создаваат цркви. Тој смета дека „луѓето во Црна Гора кои излегуваат на улица против законот се чувари на црквата, а претставниците на државната власт кои одат против народот и црквата нема да завршат добро”.

Вселенската патријаршија минатиот месец по посетата на македонската државна делегација на Фанар, соопшти дека барањето на МПЦ-ОА за апелациона постапка е потврдено и прифатено и дека процесот на решавање на статусот е во процедура.

– Целта на посетата беше да се разговара за црковниот проблем на земјата. За време на разговорот беа поставени прашањата и напредокот на фазите на ова прашање, како и волјата за враќање на оваа Црква во канонско единство под името Охридска Архиепископија, а по поднесеното барање до Мајкатa Црква пред извесно време, пишува во соопштението од Вселенската патријаршија.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј најави дека ќе покани претставници на СПЦ и на МПЦ во Истанбул заради консултации и обиди за изнаоѓање заемно прифатливо решение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот