Цвекиња и Мечиња за Цв. Валентин - Фото Слободен печат / Методи Здравев
Цвекиња и Мечиња за Цв. Валентин - Фото Слободен печат / Методи Здравев

Розите за Денот на вљубените се продаваат без трње, ама боцкаат со цената од 200 денари за едно парче

Речиси 80 отсто од цвеќето на домашниот пазар е од увоз, а најмногу од Холандија, Германија и Шпанија. Пред дваесетина години, Македонија годишно трошела над 3 милиони евра за увоз на цвеќе, а најголемиот увоз се совпаѓа со Свети Валентин и Денот на жената

Продажбата на сечени цвеќиња пред и за време на Денот на вљубените, не е драстично поголема од секојдневниот промет во овој сектор. Розите се најбараното цвеќе за 14 февруари, додека за Осми март вкусовите се многу различни, објаснуваат сопствениците на цвеќарници во Скопје. Розите доаѓаат од берзата во Холандија, но се одгледуваат во Еквадор, а некои доаѓаат и од Турција.

Во моментов стебло од роза, без трње чини 200 денари, велат трговците. Токму од тие причини, дел од цвеќарите за „Слободен печат“ објаснуваат дека наместо сечено цвеќе, купувачите ги преферираат кадифените мечиња, црвените балони, книгите или бонбониерите во вид на срце, а причината не ја кријат – цвеќето е прескапо за обичните граѓани. Малкуте отворени цвеќарници едвај живуркаат, а букети се купуваат само да се обележи некој среќен, но и тажен момент. На најголемиот дел од граѓаните не им паѓа на памет да го вбројат цвеќето во секојдневното пазарување, додаваат цвеќарите. Цвеќарството е единствената гранка од земјоделскиот сектор, која е оданочена со 18 отсто ДДВ, веројатно бидејќи го сметаат за луксуз.

– Не чувствуваме некоја поголема раздвиженост на граѓаните пред Денот на вљубените. И оние ретките што купуваат цвеќе се решаваат за една роза или за неколку лалиња. Цените од лани се зголемени за повеќе од 50 отсто, а најголемиот дел од цвеќињата доаѓаат од увоз, што значи високи транспортни трошоци – ни рекоа на една цветна тезга на зелениот пазар.

Речиси 80 отсто од цвеќето на домашниот пазар е од увоз, а најмногу од Холандија, Германија и Шпанија. Пред дваесетина години, Македонија годишно трошела над 3 милиони евра за увоз на цвеќе, а најголемиот увоз беше за Свети Валентин и Денот на жената.

– Продажбата е опадната речиси за 80 проценти. Граѓаните сакаат цвеќе, ама немаат пари за него. Една роза на пример чини од 200 до 250 денари, лалињата се по 100 денари за парче, а најскапите хризантеми чинат 350 денари за гранка. Цената е пресудна што во последните години за овој комерцијален празник се купуваат и подаруваат саксии со циклами и некои други поевтини видови. Најмногу промет имаме пред Осми март, а за Свети Валентин е далеку помалку – велат дел од продавачите на Цветниот пазар.

Во земјава најмногу се увезуваат лалиња, кринови, стрелиции, рози, орхидеи, а дома се произведуваат циклами, гербери, ириси, каранфили и кали. Најмногу режен цвет во земјава се произведува во Гевгелија, Валандово, Струмица и во Скопје. Од сечените цветови се произведуваат само стрелиции и кали.

Од Царинската управа за „Слободен печат“ информираат дека лани во земјава биле увезени над 113 килограми рози, 17 илјади килограми каранфили, 2.316 килограми орхидеи, 47 илјади кг хризантеми, 22 кг лилјани и 920 килограми гладиоли. Вкупниот увоз на цвеќиња во земјава тежел околу 300 илјади евра (над 119 милиони денари).

Увозот на цвеќе од Холандија во 2023 учествувал со 47 отсто, потоа следуваат Германија со учество од 17,2 отсто и Еквадор со учество од 15,5 отсто, покажуваат податоците на Тренд Економи. Или во вкупна вредност во 2023 година за увоз на цвеќиња се одлеале 1,6 милиони евра.

Холандија е светската цветна престолнина

Холандија е позната како „цветна престолнина“ на светот, со огромни полиња со лалиња, нарциси и зумбули, како и со софистицирани комплекси на стакленици и нови процедури за одгледување. Во меѓувреме Кенија и Етиопија, се појавија како клучни играчи во трговијата со режано цвеќе во Источна Африка, искористувајќи ја нивната добра клима и богати ресурси за да произведат висококвалитетни цветови за меѓународен извоз.

Тајланд, Индија и Кина се примери на азиски земји со богати цветни традиции и различни ботанички пејзажи, од кои секоја придонесува за глобалната цветна таписерија со нивните различни типови и културни влијанија. Глобалниот сектор за цвеќарство силно се потпира на меѓународната трговија, со цвеќиња и украсни растенија транспортирани низ континентите и океаните за да стигнат до потрошувачките пазари низ целиот свет. Клучните земји извознички, какви што се Холандија, Колумбија, Кенија и Еквадор, снабдуваат цвеќиња со големите увознички региони, вклучувајќи ги Европа, Северна Америка и Азија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот