„Родум од Македонија“ по седми пат: Трета генерација иселеници дојдоа во земјава

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ја започнаа седмата по ред програма „Родум од Македонија“, а 11 студенти од САД, Канада, Австралија и Босна и Херцеговина веќе го започнаа својот тринеделен студиски престој во Македонија.

Анамариа Поповска, Елена Пашариковски, Џосеф Рајчевски, Кристијан Стојановски, Самуил Ангелкоски, Софиа Услис, Тери Вендерис, Викториа Поповска, Даниел Соломос, Катерина Петровски и Ена Налбантич ќе бидат на студиски престој кој е комплементарен на нивните академски цели, на нивната кариера или на нивните општи интереси. Праксата ќе ја обавуваат во Olive Jobs, Македонска информативна агенција – МИА, Адвокатскo друштво ДДК, BtoBet, Limitless Solutions, Four Twenty Two, M6 едукативен центар, Државен архив на Република Северна Македонија и Стопанска Комора на Северна Македонија. За време на нивиот престој, студентите ќе бидат сместени во интернатот на приватниот колеџ „Јахја Кемал“. Покрај редовната практична работа, за студентите секоја недела е предвидена „тематска среда“ каде ќе посетуваат културни институции, Собранието, и ќе имаат средби со бизнис и меѓународната заедница. За време на викендите студентите ќе го посетат Охрид, Битола и ќе присуствуваат на традиционалната Галичка свадба.

Одбележувањето на почетокот на проектот се одржа во хотелот Солун во Скопје. Главен говорник на формалната сесија беше Јован Ласковски, ортопед од Охајо, САД и член на Одборот на ОМД.

„Никогаш нема да ве направат среќни материјалните работи, тоа трае кратко. Вистинската среќа доаѓа од врските со семејството, пријателите и од спомените, а вие имате можност да креирате незаборавни спомени во наредните три недели“, им порача Ласковски на студентите.

Неговата порака беше: „Направете го ова искуство незаборавно, не ја заборавајте својата историја и најважно држете се заедно во оваа приказна“.

„Родум од Македонија“ започна во 2015 година и се организираше во континуитет до 2019 година.

Проектот беше ставен во мирување две години заради пандемијата предизвикана од ковид-19, а продолжи да се спроведува во 2022 година. Дел од учесниците од претходните години го нарекоа престојот во Македонија ‘неверојатно искуство’ што треба да го има секој млад човек со потекло од Македонија. Дел од нив беа трета генерација родена надвор од Македонија, а прва која се враќа во Македонија по иселувањето.

Примарната цел на „Родум од Македонија“ е младите Македонци кои се родении живеат надвор од државата да го запознаат нивното културно наследство и да воспостават контакти и пријателства меѓу себе и со нивните врсници во Македонија. Покрај тоа, ваквите активности можат да ја зајакнат довербата и да придонесат кон поинтезивна соработка со дијаспората.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот