ВИДЕО | Родителите со порака до институциите: Нашиот молк нема да трае вечно!

И оваа сабота во Кочани родителите и најблиските на трагично загинатите во пожарот маршираа во длабока тишина. Со слики во рацете од своите најмили и со солзи во очите чекореа како еден.

Повторно ја испратија нивната порака до надлежните за правда и одговорност. Велат правда мора да има, време е!

 

„Нашиот молк е гласот на оние што трагично заминаа во огнот. Молк што зборува повеќе од илјада зборови, ама нема да трае вечно како вашето судење“ беше порачано од родителите.

Во толпата имаше и граѓани со транспренти: „Секој може да е следен”, „Системот убива”, „Не чекајте катастрофа-дејствувајте сега”.

На прашањето дали ќе одат во обвинителството, кое ги повика да пријават доколку имаат некакви докази, родителите рекоа:

„Ако има други осомничени ќе одиме, ако не нема да одиме. Никој не нѐ викнал, ниту ни се јавил, тие треба да си истражуваат, а нас нѐ малтретираат два месеци“ рекоа родителите.

Поддршка на маршот даде и движењето „Кој е следен?” кое организира бесплатен автобуски превоз од Скопје до Кочани.

Јавното обвинителство денеска соопшти дека јавните обвинители кои постапуваат во истрагата во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс” почнуваат да сослушуваат претставници на семејствата – законски застапници на починатите. Преку исказите дадени пред јавен обвинител, тие ќе можат да си ги остварат своите права како оштетени и да се приклучат кон кривичниот прогон и директно да се информираат за текот и фазата во која се наоѓа постапката, но и да кажат свои сознанија за настанот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот