Рики Џервејс со кучката Анти во „Живот после смртта“ / Фото: NETFLIX - Album / Album / Profimedia

Рики Џервејс донираше 2,5 милиони фунти за заштита на животни, повеќе од 20 организации добија поддршка

Британскиот комичар Рики Џервејс најави значајна донација од речиси 2,5 милиони фунти за повеќе организации кои се занимаваат со добросостојба на животните. Средствата се собрани од неговата последна стендап-турнеја „Морталити“, што се одржа во периодот 2024–2025 година.

Џервејс распределил 2,43 милиони фунти меѓу 22 организации, а донацијата потекнува од дополнителната заработка од „платинум“ билетите, чија продажба беше наменета за хуманитарни цели.

Со својствен хумор, 64-годишниот комичар изјави: „Мајка ми секогаш велеше: ‘Не можеш да ги понесеш парите со себе’. Точно е, мама. Но можев да купам 30 брзи чамци и да се тркам со нив по Медитеранот со друштвото, ‘удрени’ од марихуана и шампањ. Но, еве, предоцна е“.

„Во чест на мојата ‘Морталити’ турнеја, мојот специјал за Нетфликс, номинацијата за Златен глобус и во духот на Божиќ, донирам 2,43 милиони фунти за животните. Ова се прекрасните организации што ги избрав. Среќен Божиќ, мали суштества“, напиша тој на Икс.


Оваа донација следи по сличниот хуман гест од турнејата „Армагедон“, кога Џервејс донираше 1,9 милиони фунти. Со ова, вкупните донации од неговите последни четири специјални настапи надминуваат 5 милиони фунти.

Да потсетиме, Рики Џервејс е едно од највлијателните имиња во британската комедија. Најголема слава стекна со серијата „Канцеларијата“ (The Office), која не само што го лансираше во светот, туку и доби култен статус и неколку странски адаптации, меѓу кои и американската верзија со Стив Карел.

Пред да се насочи кон телевизијата, Џервејс студирал филозофија на Универзитетскиот колеџ Лондон и кратко време бил дел од музичката сцена со синт-поп дуото „Сеона денсинг“. Во 1990-тите работел како радио-презентер на радиостаницата Икс-еф-ем, каде што го запознал Стивен Мерчант, со кого подоцна ќе соработува на повеќе проекти.

Покрај „Канцеларијата“, Џервејс е соавтор и главен актер во сериите „Екстра“ (Extras), „Дерек“ (Derek) и „По животот“ (After Life), а има и неколку филмски режии и улоги зад себе, како во „Изумот на лагата“ (The Invention of Lying) и „Специјални дописници“ (Special Correspondents).

Наградуван е со седум награди БАФТА, четири Златни глобуси и две награди Еми, а познат е и по својот остар и често контроверзен хумор, особено кога е водител на церемонии како Златниот глобус.

Во приватниот живот, Џервеј од 1982 година е во врска со писателката Џејн Фалон. Живеат меѓу Лондон и Њујорк, одлучиле да не стапат во брак и немаат деца. Џервејс е гласен поддржувач на правата на животните и отворено говори за својот атеизам.

ФОТО | Угина кучката од серијата „Живот после смртта“: Рики Џервејс ѝ посвети емотивна објава на социјалните мрежи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот