Резервации на есен, за скијање во зима со попуст и до 30 отсто

Профимедиа

По завршувањето на летната сезона, се отвораат нови прашања – каде на зимување и како да се дочекаат новата 2020 година. Туристичките агенции веќе ја имаат подготвено понудата за зимување.

Најпривлечни се Србија и Бугарија поради пристапните цени и близината. Банско, Боровец, Пампорово, Копаоник и Златибор, остануваат меѓу најатрактивните дестинации за зимување. Мал дел од граѓаните можат да си дозволат да скијаат на Алпите. Туристичките агенции кои ги контактиравме информираат дека интересот расте.

– Генерално, секое просечно семејство во годината патува најмалку двапати. Патувањето во зима, на зимски годишен одмор, веќе станува пракса во културата на патување. Зимувањето има тенденција на раст исто и патувањето во зима на продолжен викенд – изјави Ана Крстевска Каламадевска, од една позната туристичка агенција.

Ако резервирате зимување во овој период од годината, тогаш ќе ве чини поевтино, односно ќе добиете попуст. Ако пак тоа го напрвите кон крајот на декември, тогаш ќе платите повисока цена. Секоја туристичка агенција нуди различни попусти. Туристичка агенција нуди попуст до 30 отсто, но таа опција траела до пред некој ден.

– Имате секакви цени. Секако дека има попусти за рани резервации. Хотелите од Бугарија уште во јули и август излегоа со понуди, имаше специјални аткрактивни рани резервации до октомври за зимски одмор. Може да се заштеди до 30 отсто за рани резервации. Има доста хотели кои даваат навистина атрактивни попусти за рани резервации. Сè уште сме во фаза на попусти, сега попустите се до 20 отсто – вели Крстевска Каламадевска.

Цените се навистина различни, зависи од категоријата на хотелот, од периодот.

-Цената зависи и од тоа дали патувате во период на висока сезона, која е различна, на пример не е иста таа на Бугарија со онаа на Србија. Ако некаде јануари е најскап, на друго место е февруари најскап месец за зимување. Инаку, имаме аранжмани, што би се рекло народски, за секој џеб. Има навистина понуди од хотели со 2-3 ѕвезди со полупансион кои нудат одлични цени. Така што, за еден ден за две лица, цената може да биде 30, 40, 50 евра на ден, зависи од категоријата на хотелот – изјави Крстевска Каламадевска.

Ако барате хотел во Банско со 4 ѕвезди, пак, во кој ќе имате појадок и вечера, превоз до жичарницата, пристап до базен, сауна, парна бања, џакузи, фитнес… Тогаш, двајца ќе платат околу 500 евра за пет дена.

И за празниците се патува

Продолжен викенд, кај нас, со нетрпение се чека. Следниот за 11 Октомври Денот на народното востание е таков. Рим, Париз, Барселона, се меѓу најчестите дестинации, во кои граѓаните бараат спас од „домашните обврски“.

– Има барања за авионски и за автобуски тури, зависно од желбата и буџетот. Не може да се генерализира околу цената од причина што зависи од цените на авио билетите, хотелите, дали се работи за рана уплата… Во принцип за автобуските линии може да се најдат понуди од 200 евра за двајца, а авионските, секако, се со повисока цена отприлика почнувајќи од 400 евра за двајца па нагоре, зависно од дестинација и терминот на патување. Патувањето со деца нема некои огромни попусти, од причина што, секако, се користи седиште во превозното средство, а градските хотели во многу мал број располагаат со фамилијарни соби, па најчесто и децата за празничните тури плаќаат полна сума или некој мал попуст – изјави Павлина П. вработена во позната туристичка агенција.

Во понудите за празник, секако, тука се и дочекот на новата 2020 година и божиќните празници.Од туристичките агенции велат и за во овие понуди има голем интерес, се патува од најблиските до најдалечните дестинации.

– Секогаш има понуди за автобуски и авионски тури, за патувања во соседните држави, за европските метрополи, но се нудат и далечни егзотични дестинации како Сингапур, Тајланд, Израел, Јордан. Се реализираат голем број од понудените програми, цените се повисоки за разлика од останатите празници. Автобуските тури почнуваат од 220 до 230 евра за двајца, авионските од 700 до 800 евра за двајца. Цените се за основните пакети, факултативните разгледи претежно дополнително се наплаќаат. За разлика од новогодишните, за божиќните празници овие патувања не се реализираат. За Божиќ главниот интерес е за зимските центри во соседните држави, како Бугарија и Србија, многу е широк дијапазонот на цените, но секогаш може да се најде понуда за сечиј џеб – објаснува соговорничката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот