Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Ревизорите открија проблеми со имотот, јавните набавки и бифето на Министерството за европски прашања

Државен завод за ревизија (ДЗР) изврши ревизија на финансиските извештаи на Министерство за европски прашања за 2024 година, при што е изразено неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи. Исто така, даде мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива, упатствата и воспоставените политики.

Ревизорите утврдиле дека вредноста на нематеријалните и материјалните средства, како и на градежните објекти прикажани во билансот на состојба на 31 декември 2024 година, не ја одразува реалната состојба на имотот на Министерството. Дополнително, пописот на средствата и изворите на средства не бил спроведен согласно законските и подзаконските прописи.

Во извештајот се наведува дека со договори на дело биле ангажирани лица за вршење на работи и задачи за работни места предвидени со актот за систематизација, а Министерството не преземало активности за годишно осигурување од пожар и природни  непогоди, поплава, кражба на имотот.

Констатирани се и слабости во постапките за јавни набавки.

„Во насока на надминување на утврдените состојби, дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите“, соопштија од ДЗР.

Како дополнително прашање, ревизорите ја посочуваат состојбата со бифето во Министерството, кое било издадено од Службата за општи и заеднички работи на закупец што вршел угостителски услуги и директно фактурирал кон Министерството, иако немал регулирани деловни односи со институцијата.

Во однос на внатрешните контроли, преку извештајот се бара да се воведе сертифициран систем за менаџмент со квалитет во согласност со барањата на стандардот ИСО 9001.

„Од законскиот застапник на Министерството за европски прашања и одговорното лице за периодот предмет на ревизија, добиени се забелешки на Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор, истите се разгледани и утврдено е дека најголем дел претставуваат известувања за причините за утврдените состојби и преземени активности за нивно надминување“, се наведува во извештајот од ДЗР.

Според ревизорите, две забелешки се прифатени, две се делумно прифатени, а дел од забелешките не се прифатени од причина што не се доставени нови докази за промена на утврдените состојби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот