Дело „Пролетни пејзажи, детал 2“ (2006)

Ретроспективна изложба на Жанета Вангели ќе биде отворена во објектот Чифте амам

Ретроспективната изложба „Архив II, 1985-2025: Епифанија“ на авторката и професорка Жанета Вангели на 21 август, во 20 часот, ќе биде отворена во Чифте амам. Овој проект на Националната галерија на Македонија финансиски е поддржан од Министерството за култура и туризам. Куратор на проектот е виш кустос Маја Крстевска, а стручен соработник е кустос Горанчо Ѓорѓиевски.

Изложбата ќе ја отвори директорот на Националната галерија на Македонија Али Синани, а воедно пригодна реч за ликовниот опус на уметницата Жанета Вангели ќе даде кураторот на изложбата Маја Крстевска. Свое обраќање кон публиката ќе има и Жанета Вангели. Изложбата ќе биде поставена до 14 септември 2025 година.

Жанета Вангели активно твори и учествува на македонската ликовна сцена од средината на 1980-тите години до денес, навестувајќи ги атиципациските текови на уметноста со моќен, интуитивен, директен, продорен, семантички конципиран и длабоко конотиран авторски израз. Внесувајќи нови и радикални промени во визуелниот хоризонт на овие простори, со ова ретроспективно претставување, таа одново го актуализира прашањето за релевантноста на ликовниот говор низ тропите на современата уметничка агора. Воведен текст кон изложбата напиша Натали Рајчиновска-Павлеска, историчар на уметност.

– Ретроспективниот проект/концепт „Архив II, 1985–2025: Епифанија“ е втор дел од творечкиот опус на Жанета Вангели претставен во Музејот на современата уметност – Скопје (2017). Првото ретроспективно претставување „Архив, 1987–2017: Синхроницитети“ даде една (по)целосна слика за творечките етапи на Жанета Вангели во период од триесетина години. Имајќи ја предвид самата концепција на тогашното претставување, во рамки на првата ретроспективна изложба останаа недопрени значајни позиции од нејзините архиви кои се заветиле на времето на преобмислување.

„Архив II“ е и можност да се погледне „однадвор-внатре“, во смисла на деридијанското„ hors de soi en soi“, отворајќи комуникација со чинителите на визуелниот дискурс и излагачките кластери на Вангели. Архивата е привилигирана хетерогена збирка, онтолошки извор со генеричко значење, парадигматски и конкретен ентитет со инхерентно израмнувачка еквивалентност и потенцијална – протонадворешност. Задавајќи нови референцијални рамки и реконструкција врз нова, дијалектичка основа, Вангели покажува неисцрплив потенцијал за класифицирање и групирање, поврзување и раскажување, за ризомирање низ различните документарни и уредувачки поетики.

Преиспишувањето во овој уметнички контекст се одвива по пат на архивско преисчитување – поврзување со искуството од минатото како припадност или од сегашноста како коприпадност. Контекстот на позиционирање [mise en place] на архивската граѓа се одвива по пат на нивоа, конституирани од мноштво записи релациски врзани за полиликовната синтагма – „Архив II, 1985–2025: Епифанија“ како собирна поетика.

Дело „Мацедонише цуштенде“ (2025)

Како резиме на творештвото од четири декади, проектот „Архив II, 1985–2025: Епифанија“ ги претставува ликовните настојувања во континуитет на креативниот процес, осветлувајќи ја естетската линија во поширокиот ликовно-естетски, културно-антрополошки и општествено-политички контекст. Архивската граѓа на Вангели произлегува од дијалогот меѓу она што значи изјава [statement] и коментар [comment], надворешност [exterior] и внатрешност [interior], рефлексивност [reflectiveness] и самокритичност [self-criticism], останување и опстојување во сопственото (ликовно и творечко) настојување.

Водена од внатрешната неопходност, творечкиот импулс и слоевито манифестирана духовност, низ вкупниот творечки опус, Вангели проникнува во сржта на уметничкото обликување, поетички меандрирајќи низ трансеквивалентноста на ликовниот и философскиот израз – напиша Натали Рајчиновска-Павлеска.

Авторката Жанета Вангели е родена во Битола, Македонија, во 1963 година. Дипломирала на Државниот факултет за ликовни уметности – Штеделшуле во Франкфурт/Мајна во 1988 година. До 2008 година работи како независна уметница.

Од 2008 година работи како професор на катедрата за сликарство и трансмедиумски практики на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Вангели е мултимедијална уметница која реализирала самостојни изложби во Скопје, Битола, Белград, Франкфурт/Мајна, Келн, Њујорк, Стокхолм, Аделаид и Хангжу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот