Репродукции на дела од големиот мајстор на ренесансата, Рафаело, се изложени во Археолошкиот музеј

Со отворањето на изложбата „Рафаело: Опера Омниа“ на 18 октомври во Археолошкиот музеј во Скопје почна одбележувањето на „Недела на италијанскиот јазик во светот“. Поради почитување на протоколот утврден за посета на музеи и одржување на настани во затворен простор, отворањето беше од затворен тип со строго утврден број на гости. На отворањето на изложбата се обрати директорката на Археолошкиот музеј, Славица Бабамова.

– Особена чест е да се биде домаќин на изложба која ги претставува врвните уметнички дела на Рафаело Санти, великанот не само на италијанската, туку и на светската уметност, кој творел во времето на ренесансата, време во кое се оживуваат универзалните вредности и доблести на антиката. Благодарение на иницијативата на Амбасадата на Италија во Скопје, од 18 октомври, па во наредните два месеци имаме исклучително убава можност да видиме дел од неговиот опус.

Набљудувајќи ги сликите во текот на поставувањето на изложбата последниве денови, единственото што може да се каже е дека зборовите не се потребни. Доживувањето на секој од ликовите претставен на портретите е уникатна лична средба со современик или со соговорник и тоа е најсилната причина поради која се зголемува воодушевувањето и длабоката почит пред грандиозноста на сликарскиот талент на Рафаело.

Во рамките на својата стратегија за посебно внимание кон едукацијата на сите возрасни групи и инклузивноста на музејот, а во целосна согласност со заложбите на Амбасадата на Италија во Скопје, за посета на оваа изложба и едукативни работилници се повикани училиштата од сите нивоа во Република Северна Македонија: основни, средни и високи. Соработката, особено во полето на археологијата, меѓу Северна Македонија и Италија ќе се интензивира и во многу блиска иднина – потенцираше Бабамова.

За реализацијата на изложбата Бабамова изрази посебна благодарност на Мирко Мерлети од „РаиКом“, на стручниот тим од Археолошкиот музеј: Ирена Колиштркоска Настева, комесар на изложбата, Марјан Јагликовски, извонреден познавач на ренесансната уметност, Мартин Гиевски, Елена Рафајловска, Ива Лабан, Марија Колевска Димишковска, Стеван Илијевиќ, Иванчо Велков, Бранислав Атанасковиќ, Марина Спирова, Наталија Данаилова, Ивица Стојановиќ и Реџеп Беќировски.

На присутните им се обрати и Амбасадорот на Италија, Н.Е. Андреа Силвестри.

– Можам да кажам дека сум особено горд, што како Амбасадор на Италија имам можност за прв пат да го најавам започнувањето на Неделата на италијанскиот јазик во Скопје, со оддавање почит на еден од најголемите великани, италијанскиот уметник Рафаело Санти (Санцио), кој е дел од „Светото тројство“ на ренесансата, заедно со Леонардо и Микеланџело. Оваа тројка е дел од проектот „Опера Омниа“.

Овој проект е заедничка иницијатива помеѓу италијанското Министерство за надворешни работи и интернационална соработка со телевизија РАИ и е куриран од еден од водечките уметнички експерти во Италија и пошироко, проф. Антонио Паолочи. „Рафаело: Опера Омниа“ не е само изложба. Тоа е патување низ времето, низ емоции и изрази на личности прикажани толку верно од магичните раце на Рафаело.

Минатата година Италија ја прослави 500-годишнина од неговата смрт. Починал многу млад, но успеал да остави неизбришлива трага во историјата на уметноста. Оваа изложба претставува патувачка колекција со високо технолошки квалитет на внимателно избрани репродукции од 14 портрети направени од „il Grande Maestro“ на кои ќе им се восхитуваме заедно.

Благодарение и на модерните дигитални музејски технологии, во холот на Археолошкиот музеј е поставена т.н видеокоцка, што ќе ги води посетителите низ животот и делата на сликарот, запознавајќи ги со вечните вредности на скапоценото уметничко наследство од минатото – истакна амбасадорот Силвестри.

Изложбата ќе биде отворена до 20.12.2021, а влезот е бесплатен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот