Луѓе пазарат во маркет / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Рециклирани мерки за поевтинување од 3 до 5 денари

Реакциите се уште поголеми, кога се знае податокот дека како референтни цени се земени оние од 1 февруари, кога веќе најголемиот дел од добавувачите доставија и по неколкукратни поскапувања, како на оние на млекото, јајцата, маслото за јадење, шеќерот, кафето, чоколадите и пекарските производи. Дел од трговците брифираат дека и по вчерашната одлука на Владата, некои добавувачи им најавиле нови поскапувања

Одлуката на Владата за ограничување на маржите на 102 групи на производи или на повеќе од 1.000 прехранбени и непрехранбени производи, како и ограничувањето на маржите на 5 отсто на основните прехранбени производи, какви што се млекото, лебот, брашното, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко, предизвика незадоволство и кај граѓаните и кај трговците. И едните и другите оценуваат дека ова е враќање чекор назад и рециклажа на претходните кошнички, малку надградени и дополнети, со ограничен рок на траење, кој нема да смени ништо, а ќе предизвика хаос на пазарот.

Реакциите се уште поголеми, кога се знае податокот дека како референтни цени се земени оние од 1 февруари, кога веќе најголемиот дел од добавувачите доставија и по неколкукратни поскапувања, како на оние на млекото, јајцата, маслото за јадење, шеќерот, кафето, чоколадите и пекарските производи. Дел од трговците брифираат дека и по вчерашната одлука на Владата, некои добавувачи им најавиле нови поскапувања, што значи дека ниту се фермаат бојкотите, ниту Законот за нефер трговски практики.

Најтажно е што и со овие намалувања и ограничувања, се проценува дека одредени производи ќе се намалат за 3 до 5 денари, што нема да донесе некое поголемо олеснување на животниот стандард.

– Што ќе ми е поевтинување од неколку денари, кога со илјада денари трошок за неколку основни производи, не ни останува ни кусур за гуми за џвакање. Очигледно е дека Владата потклекнала пред притисокот на трговците, на добавувачите и на производителите и направила отстапки што нив би ги задоволиле – разочарани се граѓаните.

Од вчерашниот брифинг на заменик-министерот за економија Марјан Ристески, паѓа во очи и задолжувањето до сите учесници во трговијата на големо и во трговијата на мало, најмалку 70 проценти од стоката што ја носат да биде присутна на рафтовите во трговијата. Неофицијално, ова е предизвикано од заканите дека со вакви маржи им е неисплатливо да работат, па е реално да се очекува некаков тивок бојкот, што ќе рече дел од овие производи ќе ги нема доволно или ќе бидат третокласни, како и во претходните мерки што ги преземаше Владата.

– Очекувам дека ќе ми се намали дотурот на зеленчук и овошје, исто како што се случуваше и во претходните владини акции. Седумдесет проценти од овие производи во моментот се од увоз, па добавувачите ќе имаат оправдување за да не ги носат – брифира еден трговец од Аеродром.

И помалите трговци веќе изразија сериозна загриженост по одлуката на Владата и бараат итна средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши за да ги разгледаат последиците од овие одлуки.

– Со вакви избрзани одлуки се нанесува значителна штета на голем број стопански субјекти, кои имаат клучна улога во развојот на економијата – велат од новоформираната трговска комора, која обединува 89 субјекти со 4.700 вработени.

Според нив, овие компании се соочуваат со неизвесност во нивните идни инвестиции и активности, а истовремено се праќа негативна порака до сите потенцијални инвеститори во дејноста.

– Од една страна, се наведува дека основните производи се маржираат од 20-25 отсто, што е причината за ограничувањето на маржата на 5 отсто, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените. Логично е цените да се намалат за 15-20 отсто, доколку се намали маржата на овој начин. Дополнително, овие одлуки не ги заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку најголемата финансиска корист ќе ја имаат потрошувачите со повисоки приходи – реагираат трговците.

Според нив, на пример, во групата месни производи ќе треба се намалат цените и на луксузните производи, што значи дека не се води сметка за приоритетите на граѓаните со пониски примања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот