Совет на Град Скопје / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Ребалансот на буџетот во петок пред градскиот Совет: Ќе се најдат ли пари за новогодишно украсување и за БРТ?

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски деновиве посочи дека очекува дека на наредната седница на Советот на Град Скопје, на која на дневен ред ќе биде ребаланс на буџетот, да се направат напори во него да влезе и проектот БРТ, за што поскоро да почне неговата реализација.

Во петок пред новиот состав на Советот на Град Скопје ќе се најде ребалансот на градскиот буџет за 2025 година, пред да истече крајниот рок за негово усвојување.

Во изминативе неколку денови градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави неколку проекти за кои очекува со ребалансот да се обезбедат пари, како што е новогодишното украсување на градот, но и средства со кои би почнала реализацијата на проектот за брз автобуски превоз, односно за БРТ-проектот, што во изминатите години повеќе беше оспоруван отколку одобруван.

Во однос на новогодишното украсување на Скопје, кое секогаш станува актуелно во овој период на годината, градоначалникот посочи дека во актуелниот буџет не биле предвидени пари за оваа намена.

Во програмата не беа предвидени средства за предновогодишно украсување, но со ребалансот на буџетот в петок ќе предвидиме средства за китење на главниот град и ќе биде организирана новогодишна прослава каква што треба за граѓаните и за пречек на Новата година. Со тоа конечно Скопје ќе биде украсено како што треба да биде и како што заслужуваат нашите граѓани – изјави Ѓорѓиевски во гостување на МРТВ.

Минатата недела тој најави дека во сообраќај ќе бидат пуштени уште 50-ина приватни автобуси повеќе од постојните, иако потоа излезе дека станува збор за 20-ина со кои се заменуваат дел од приватните автобуси што се веќе во сообраќај. Според него, зголемениот број приватни автобуси, но и  80-те што ги набавува Владата и кои се очекува да пристигнат напролет, треба да доведат до нормализирање на јавниот градски превоз.

Ѓорѓиевски со ребаланс на буџетот ќе обезбедува пари за Скопје „да добие новогодишна прослава каква што заслужува секоја метропола“

Градоначалникот очекува на наредната седница на Советот на Град Скопје, на која на дневен ред ќе биде ребалансот на буџетот, да се направат напори во него да влезе и проектот БРТ, за што поскоро да почне неговата реализација.

Во комбинација автобуси, градски воз и БРТ, мислам дека за многу скоро време нашите сограѓани во градот Скопје ќе добијат ефикасен и ефективен јавен превоз каков што заслужуваат – рече градоначалникот.

Со ребалансот на буџетот се предлага  намалување на планираните приходи и планираните расходи за 2025 година од 8.863.915.000 денари на 7.947.831.000.Во однос на расходите, најголемо намалување се бележи кај капиталните расходи кои од првично предвидените околу 2,4 милијарди денари се намалуваат на околу 1,5 милијарди.

Доколку се гледа според одредени ставки во предложениот ребаланс на буџетот на Град Скопје за 2025 година, намалување во износ од 38,3 милиони денари се предвидува за урбано планирање, додека во делот на програмата за комунални дејности со ребалансот се планирани помалку речиси 860 милиони денари.

Од наредната недела во јавниот превоз ќе се вклучуваат уште 55 приватни автобуси

Така, на пример, средствата за јавен локален превоз на патници остануваат исти, додека во делот на капитални расходи за јавен превоз во буџетот биле предвидени 931.500.000 денари, а со ребалансот се намалуваат на само 1.500.000 денари, наменети за капитални субвенции за претпријатија и невладини организации. За купување нови возила со ребалансот се предвидени „нула“ денари.

Намалени се и средствата за противпожарна заштита. Со изменувањето и дополнувањето на буџетот на Град Скопје за 2025 година во оваа програма се врши намалување во износ од 37 милиони денари, односно само во ставката за капитални расходи за противпожарна заштита од предвидените 31.5 милиони денари парите се скусуваат на 2,5 милиони денари.

Но, со ребалансот се планира повеќе пари да се вложат за јавна чистота и за зеленило. За купување возила за одржување јавна хигиена се планирани 14 милиони денари, додека, пак, ставката за капитални расходи за паркови и зеленило се зголемува од 231 милион денари на 361 милион.

Дали во ребалансот ќе се најде начин да се пренаменат средства за новогодишното украсување и за започнување на проектот за БРТ ќе се види на седницата в петок, на која ова веројатно ќе биде предложено од некои од советниците од мнозинството во Советот на Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот