Реал Бетис обезбеди место во Лигата на шампионите по 20 години
Фудбалерите на Реал Бетис ќе играат во Лигата на шампионите во сезоната 2026/27 откако тимот на Мануел Пелегрини денеска го победи Елче со 2:1 дома во 36 коло од Ла Лига.
Препорачано
Андалузиските „зелено-бели“ ја искористија грешката на Селта и го победија Елче, кој ќе се бори храбро за опстанок до крајот. Од друга страна, прославата на југот на Шпанија може да започне, Бетис ќе игра во ЛШ за прв пат по 20 години.
Домашниот тим поведе во деветтата минута од натпреварот со голот на Кучо Ернандез, а Елче успеа да израмни пред крајот на првото полувреме.
Хектор Форт, кој игра во Елче на позајмица од Барселона, го постигна својот втор гол оваа сезона по асистенцијата од Ернан Валера.
Гостите останаа со играч помалку во 49 минута кога Лео Петро направи груб прекршок врз Антони на средината од теренот и заработи директен црвен картон.
Беше прашање на време кога домашниот тим ќе ја затресе мрежата на Матијас Дитуро и, по постојаните напади, се исплати сиот притисок. Момент на инспирација од Пабло Форналс со мајсторски гол во 68 минута за 2:1, за голема радост на домашните навивачи на стадионот Ла Картуха во Севиља.
Hi, @ChampionsLeague 😁 pic.twitter.com/Th6YxYdoLO
— Real Betis Balompié (@RealBetis_en) May 12, 2026
До крајот на натпреварот, гостинскиот тим повремено се закануваше, но не успеа сериозно да го загрози тимот на Пелегрини, кој ќе игра под значително помал притисок до крајот на сезоната.
Бетис е на петтото место со 57 бодови и во последните два меча од сезоната во шпанското првенство на 17 мај ќе гостува кај Барселона, а на 23 мај ќе го пречека Леванте.
Елче е на 14 позиција со 39 бодови, колку што имаат и Мајорка, Леванте, Еспањол, и Жирона која е во опасната зона за испаѓање. Елче на 17 мај ќе го пречека Хетафе, додека шест дена подоцна ќе игра на гости против Жирона.


