Реакции за оставката на Ристоска – кој обвинител ќе ги наследи предметите против ВМРО-ДПМНЕ?
Обвинителството сè уште нема соопштено кој обвинител ќе ги води предметите „Талир“ против ВМРО-ДПМНЕ, откако новиот републички јавен обвинител Ненад Савески ја тргна обвинителката Ленче Ристоска, која со години ги водеше случаите поради кои со судска одлука е замрзнат имотот на владејачката партија.
Препорачано
Ристоска поднесе оставка од обвинителската функција, обвинителот изрази жалење и тврди дека неговата одлука не била лично против неа, туку дека им биле одземени овластувањата на сите обвинители што постапувале по предмети со дадено овластување.
За „Талир 1“ треба да се назначи обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, додека „Талир 2“ ќе го води обвинител од скопското Обвинителство, но имиња сè уште нема.
Сепак Јавното обвинителство не поседува прецизна евиденција колку точно вакви овластувања биле издадени во минатото и за кои предмети, па токму тоа било главна причина поради која Јавниот обвинител донел одлука со која одеднаш ги отповикал сите овластувања дадени од неговите претходници.
-Одлуката е од организациска природа и нејзината цел е зголемување на ефикасното постапување на Јавното обвинителство – велат од Обвинителството.
Прешова: Ова ќе осамне во меѓународните извештаи
Ова е една од првите одлуки на Савески, која наиде на остри критики на дел од стручната јавност и реакции од политичките партии.
– Поднесувањето оставка и повлекување од професијата во која сте вложиле многу време, труд и енергија веројатно е една од најтешките одлуки што еден човек ги носи во животот. Обично ваква одлука е изнудена или присилена, таа доаѓа од чувството на безнадежност и очај. Човек е изложен помеѓу тоа да се откаже од сето вложено, љубовта кон професијата, или да остане чист пред себе и едноставно да се повлече со цел да си го зачува достоинството и интегритетот, одбивајќи да биде претопен во сивилото. Ова, колку што говори за личноста што се повлекува и што ја поднесува оставката, можеби повеќе говори за системот што ја натерал на вакво нешто и кој не дозволува двете работи да бидат помирени. Во систем што се колне во самостојност и автономија, особено кога треба да се бараат пари, а нема да се најде ниту еден јавно да реагира на сите случувања, дали се тоа директно надредениот или надредените, здружението на обвинители или Советот на јавните обвинители, не можете ништо друго да очекувате освен послушност и кооперативност со политиката и центрите на моќ – реагираше професорот Денис Прешова.
Тој е сигурен дека сето ова ќе осамне во меѓународните извештаи, но констатира дека додека системот се деградира, бидејќи тој не вреднува и не промовира правда и квалитет, туку поддржува онакви што успеваат да се снајдат и вешто да пливаат заради лична корист.
Што велат од власта и од опозицијата
За опозициската СДСМ обвинителот Савески ги исполнувал задачите што му ги додели премиерот Христијан Мицкоски и ја погребал правдата.
– Новиот јавен обвинител Ненад Савески целосно работи под диктат на Христијан Мицкоски и за 24 часа ги исполни сите задачи што му ги додели. Последно, ја елиминираше Ленче Ристоска, независен и признат професионалец, која соработуваше и со Евроџаст и беше принудена да си замине. Претходно ја отфрлија претставката на Ристоска за политички притисок од страна на Мицкоски, кој јавно на телевизија ја навредуваше, а потоа и ја исфрли. Савески ѝ ги одзеде предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ за нелегално партиско богатење, незаконски стекнат имот, незаконска Бела палата на ВМРО-ОКГ. Класична операција по нарачка на Мицкоски за спас на криминалниот имот на ВМРО-ОКГ, најбогатата партија во Европа – изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ пак тврди дека СДСМ ја брани Ристоска, бидејќи била нивен пион.
-Иако според она што е образложено предметите „Талир“ се предадени на обвинител кој е од обвинителство кое има стварна надлежност над нив, наместо да се заради било каква, а веројатно и партиска подобност држени надвор од секоја логика кај Ристова, како што обвинителството под контрола на СДС и ДУИ ги држеа кај нејзе со години, за да го држи уценето ВМРО-ДПМНЕ со ненормално долги постапки. На пример постапките за Талир траат 10 години и ако правдата функционираше досега ќе имаа епилог, било каков. Ние не навлегуваме во епилогот туку дека требаше да го има. Ако има вина пресуда, ако нема ослободување. Но не. Нема епилог, туку се добива впечаток дека Ристоска ги држеше кај себе за да ВМРО-ДПМНЕ биде уценето. За крај не сакаме да навлегуваме во детали за нејзините обиди за лобирање кај ВМРО-ДПМНЕ, и неуспешната амбиција да оди во странство, кое ако успееше сигурно Ристова немаше вака да реагира и ќе и беше сеедно дали Талир или било кој предмет е кај нејзе или не е – велат од партијата.


