Разнозвучие во урбан стил донесе 23-то издание на ОФФест

Бомбино / Фотографија: Татјана Ранташа

Осум фантастични концерти донесе 23-тото издание на фестивалот на музиката на светот ОФФест, а нијанса што го карактеризираше годинашното издание беше урбаниот стил на толкување на традиционалното.

Традицијата што ја носи фестивалот ОФФест не остава простор за сомнеж околу селекцијата и квалитетот на групите кои настапуваат во Скопје. Станува збор за процес кој во континуитет трае веќе 23 години и секогаш резултира со настап на големите и најактуелни ѕвезди на музиката на светот.

И годинашното издание не беше исклучок, туку потврда на зацртаниот концепт и висок квалитет на фестивалот. Во четири вечери на две сцени од 6 до 9 јуни на ОФФест настапија осум групи со исклучително високо реноме на светската музичка сцена.

На сцената на Националната опера и балет од 6 до 8 јуни настапија Бомбино, BCUC (Bantu Continua Uhuru Consciousness), „Бои Аких“, „Куту“ и шпанскиот виртуоз на гитарата Висенте Амиго, додека во „Денсинг салата“ на МКЦ, на 9 јуни, во една вечер настапија „Волоси“, „Калата“ и „Нејкед“. Нијанса што го карактеризираше годинашното издание беше урбаниот стил на толкување на традиционалното.

Бомбино / Фотографија: Татјана Ранташа

Фестивалот беше отворен со фуриозен настап на две африкански групи. Култниот херој на пустинскиот блуз Бомбино со својот бенд имавме можност да го видиме во два формати, прво во документарниот филм „Агадез, музика и бунтовништво“ што беше прикажан на 5 јуни во Кинотеката, а следниот ден и во живо на сцената во НОБ.

По потекло од Нигер, Бомбино почнал да свири гитара како акт на бунт против политиките на владата, бидејќи во одреден период во таа држава било забрането да се свири гитара. Местото на неговото раѓање е среде пустина и само таа им ја дава слободата на припадниците на неговиот народ, а тој со својата гитара ја шири раскошната туарешка култура низ целиот свет.

Жешката африканска вечер беше доведена до состојба на кулминација со настапот на јужноафриканските ѕвезди BCUC со нивниот ритмички и вокално атрактивен концерт.

Бои Аких / Фотографија: Татјана Ранташа

Мешавина на ритми, звуци и мелоси донесе втората фестивалска вечер, кога настапија „Бои Аких“ и „Куту“. Звучен перформанс со драматургија беше настапот на „Бои Аких“. Во основата на бендот се пејачката и текстописец Моника Акихари и гитаристот и композитор Нилс Браувер. Нивната музика е наклонета кон експеримент и импровизација, а нивната љубопитност постојано ги носи кон нови откритија.

Куту / Фотографија: Зденко Петровски

Основата на бендот „Куту“, основан во Адис Абеба, се францускиот виолинист и композитор Тео Секалди, повеќеслоен импровизатор и славна фигура на класичната музика и џезот во својата земја, во комбинација со прекрасниот глас на етиопската рок-пејачка Хејван Гебрeволд.

Музиката што ја создаваат има заразен ритам, извонредни вокални делници, атрактивни импровизации на виолина и тапани, стабилна бас-линија, арапски мелос и мантрички транс-лупови. Веќе со првата композиција целата публика беше поканета на извонредно танц-доживување.

Висенте Амиго / Фотографија: Зденко Петровски

Високиот рејтинг во светот на фламенко музиката на Висенте Амиго, како еден од најкомплетните и највлијателни гитаристи од новата генерација, апсолутно беше потврден со неговиот концерт во Скопје. Него го опишуваат како недофатлив, мистериозен, енигматичен уметник, со фасцинантна чувствителност и ненадминлива длабочина. При свирењето на својата гитара тој не користи никакви ефекти, туку исклучиво прсти, чувства и емоции.

Традицијата на концерти на најталентираните домашни изведувачи беше продолжена со настапот на „Калата“ во „Денсинг салата“ во МКЦ на 9 јуни. Домашниот бенд беше ставен во „сендвич“ помеѓу настапите на полските виртуози на гудачки инструменти „Волоси“ и српскиот бенд „Нејкед“. Стилот на „Волоси е динамичен, софистициран и исполнет со страст. Нивната музика е под влијание на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, што резултира со прекрасни, емотивни и прогонувачки мелодии кои одушевуваат и фасцинираат.

Калата / Фотографија: Зденко Петровски

„Калата“ се претставија со својот автентичен звук кој се движи по паралелата меѓу источната и западната култура, со посебен акцент на традиционалната македонска музика. Целиот концепт на бендот се заснова врз сензибилитетот и креативноста на младите музичари, кои преку љубовта кон модерните ритмови и музиката на својот народ го обликуваат оригиналниот звук на бендот.

Стилот на „Нејкед“ е комплексен и еклектичен, а покрај елементите од балканските традиции, со медитерански, африкански и источноевропски примеси, на концертот во Скопје претставија и македонски влијанија. Како гости на нивниот концерт настапија нашите музичари Петар Христов и Зарина Првасевда.

Нејкед / Фотографија: Зденко Петровски

ОФФест и овојпат бeше посветен на значајните музички документарни филмови, а покрај документарецот за Бомбино, на 5 јуни беше прикажан новиот филм за Сезарија Евора, во кој експлицитно се прикажани нејзиниот живот, талентот, успехот во музиката, психолошките падови, како и нејзиниот (анти)однос кон материјалното.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 235, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот