Разговор со Живкица Каленикова, ТВ-новинарка: Најмило ми е кога ќе ми речат дека дома ми мириса како кај мајка ми
Живкица Каленикова вели дека не чувствува како да се вратила во Македонската радио-телевизија, таа секогаш била дел од ТВ-куќата во која го учеше занаетот, но сега е присутна во поинаква форма.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ја посетивме во едно од студијата на МРТ каде што Жиле е како дома, пред снимањето на уште една епизода од нејзиното „Жилет шоу“. Студиото во кое Живкица секоја сабота пречекува интересни гости, буди убави спомени на едно поинакво време кога нашата ТВ-продукција беше побогата. Сепак, нејзината матична куќа негува и реализира голем дел од старите емисии.
Живкица неодамна наполни 45 години, мајка е на три деца, а изгледа подобро од кога било. За одржувањето на добрата форма и за нејзината умешност во кујната што ја наследила од покојната мајка, разговаравме помеѓу две снимања на „Жилет шоу“.
– Во последно време внимавам на исхраната, иако јас сум хедонист и сакам да јадам убава храна и да се напијам убаво вино. Не сакам да си го ускратам сето тоа, што значи дека не можам постојано да бројам калории. Среќа што благо многу не сакам, природно, но со тестото отсекогаш сум имала проблем. Но, она што сега го открив, по четириесеттата, а сега наскоро ќе полнам 45 години, е дека телото малку поинаку реагира ако не му обрнеш внимание. Сакам телово долго да ме служи, па затоа му обрнувам внимание. Она што го открив последно е дека тој наизменичен пост, или „Intermittent fasting“, колку и да звучи популарно и „фраерски“, навистина ми годи. Јадам во одреден дел од денот, до 12-12.30 некогаш и до 13 часот не јадам, значи тој „фастинг“ со временски периоди гледам да го запазам. Тој начин не ме ограничува со исхраната, ми прави слобода. Ќе си каснам и тесто и паста, ќе се напијам и вино, а има денови кога и тоа не го јадам, но така е концептот во денот, и динамичен живот, динамиката што децата ми ја наметнуваат – ни раскажа Живкица.

Живкица знае да објави на социјалните мрежи фотографија од вкусно јадење што го зготвила, а често тоа се јадења од нашата традиционална кујна, кои ги научила од својата покојна мајка. Мотото на Живкица е дека храната никогаш не треба да се фрла. Како умешна домаќинка, таа знае од остатоците од вчерашниот ручек, да направи нов. Вели и дека знае да меси, а и таа вештина во кујната на која е горда, ја наследила од мајка си.
– Сакам убава храна, сакам убаво да си јадеме, сакам да им зготвам на децата, така ми останало од мајка ми. Најубав комплимент ми е кога ќе влезат дома и кога ќе кажат: „Мириса како кај Нанче – кај мајка ми“. Тоа ми е најубавото нешто кога ќе го слушнам – со носталгија, но и со насмевка се сеќава Жиле.

Нејзината мајка почина пред неполни две години, а неколку месеци потоа и татко ѝ. Жиле сака да зборува за убавите спомени и за вистинските вредности што таа и сестра ѝ ги научиле од родителите, а денес ги пренесуваат на своите деца. Жиле објаснува и кои традиционални рецепти ужива да ги готви, по примерот на мајка си.
– Правам преубаво оривче во тавче, она „најбапското“, она што од мајка ми сум го научила како рецепт, растурена сарма, што и јас многу ја сакам, полнетите пиперки што ги обожаваат децата – и јас ги сакам, компир манџа. Зборувам за оние традиционални јадења. Она што уште не можам да го изучам е да ги направам јуфките онака како мајка ми – домашни таљатели, а знам и да месам. Така што, тоа се моменти што ги сакам и ги негувам и денес. А она што денес е дел од модерната кујна, смутиња и други работи се подготвуваат кај нас поради здравје, но тоа не е многу голема филозофија – вели Живкица, која е долги години во брак со Зоран Калеников.

Уште една промена кај неа, освен исхраната, е и начинот на вежбање, кревањето тегови со поголема тежина, во комбинација со пилатес и истегнување. Уште еднаш нагласува дека, како што поминуваат времето и годините, колку и да е животот динамичен, телото покажува знаци дека му треба екстра активност.
– Сакам да ме служи телото, да ми трае, да бидам подолго овде, затоа се обидувам да бидам физички активна, а го комбинирам тоа со децата. Триатлонци се сите тројца, но Даријан е најактивен, го продолжи најактивно спортот, сериозно го продолжи. Марко е посериозен скијач, а Ана се зафати посериозно со гимнастика. Така што, им ја сакам таа физичка активност, колку и мене да ми е динамично, а ми е – тоа возење по неколкупати во денот, мислам дека децата со спорт поздраво растат – вели Живкица.

Најмалата во семејството, ќерката Ана, често знае да ги насмее пријателите на Жиле на социјалните мрежи со нејзините досетки и ритуали што од мали нозе ги негува.
– Ана ме изненадува, таа има дневна и ноќна рутина. Сите беа во шок кога ја видоа, мислеа дека јас сум ја подготвувала, но не. Таа има дневна и ноќна рутина на нанесување кремови на лицето и веројатно природно ѝ доаѓа тоа и има работи што ги знае повеќе од мене. Така што, смешно е, различни се, машки и женско, и весело е по дома – вели познатата ТВ-новинарка.
За нејзината емисија „Жилет“, Живкица вели дека сезоната треба да трае до крајот на јуни, а од септември таа и нејзиниот тим продолжуваат со нова сезона и со освежено сценарио.


