Разговор со вокалната солистка Атанасија Гулевска – АТА: Биеме во заеднички ритам
Вокалната солистка Атанасија Гулевска, која на музичката сцена е позната како „АТА / аТа“, пред околу две години почна да работи како самостојна уметница, а подоцна се приклучи на колективот „Гола планина“.
Препорачано
Дваесетина млади и нови музички уметници и групи се појавија на музичката сцена во последниве две-три години во Скопје. Најголем дел од нив гравитираат околу колективот „Гола планина“, прогресивно здружение на млади музичари кои не „плачат и молат“ за институционална поддршка, туку самите ги создаваат условите во кои работат на независната сцена.
Меѓу нив е и младата вокална солистка Атанасија Гулевска – АТА. Нејзиниот специфичен музички израз веќе го привлече вниманието на публиката на неколку музички фестивали што се одржаа во последните неколку месеци во Скопје.
Во последниов период настапи на музичките фестивали „Скопје спејс џем“, „Земјотрес“, „Сепак се врти“. Какво чувство создаваат настапите на млади бендови пред публика?
– Комплексно е да се долови конкретното чувство. Моето искуство би го опишала како мешавина од повеќе антагонистички чувства од кои произлегува некој вид движење кое циркулира меѓу публиката и артистите. Ние за време на настап сме еден вид чувствен орган на публиката, и сме срцето на публиката кое боли, плаче, се радува со и за неа… биеме во заеднички ритам.

Во најавите на настапите обично стои само „АТА / аТа“, но на концертите секогаш настапуваш со бенд. Со кои музичари како дел од твојот бенд досега си настапувала?
– Проектот го започнав самостојно, па од таму дојде и името под кое сѐ уште настапувам со секоја формација, а тоа и остана најмногу од практични причини. Првата постава во која учествуваа Марко Печеновиќ (бас гитара), Огнен Златанов (вокал, звучни ефекти) и Андреа Салпе (гитара, матрици), беше наменски склопена за настапот на фестивалот „Синестетика“, односно спремање „лајв“ верзии на некои мои песни што не беа аранжмански дообличени, па истата формација настапи на уште неколку последователни концерти. За концертот во „103ка“ се приклучи Мартин Џорлев (гитара). На „Музички Блок“ во МКЦ (2023) првпат соработував со Виктор Стојановски (тапани).
По неколкумесечна пауза, за претстојните концерти ми помогнаа Мартин Џорлев (гитара, вокал), Иво Николовски (бас гитара) и Виктор Стојановски како резидентна постава. Андреј Димовски се придружи за настапите на „Македокс“ и „Сепак се врти“. Работата со Иво, Мартин, Виктор и Андреј се претвори и во студиска соработка, па со нивна помош се оствари вообличувањето и снимањето на песните „Тумба Дивина“ и „Очи“. На замена на Виктор често соработуваме и со Захариев Марко (тапани), со кој секоја соработка ни е задоволство и убава дружба. Еднакво задоволство ни беше и гостувањето на Ива Јованова, која се придружи како придружен вокал за концертот во „Оро Радио“ (2023).

По објавата на „Лакримариум“ пред околу две години, колку нумери се дел од репертоарот на концертите, кој ги пишува текстовите, а кој ја прави музиката?
– Во моментов репертоарот се состои од пет песни од циклусот „Огнено крштевање“: „Средба/Допир“, „Очи“, „Мртва Жива Вода“, „Тумба Дивина“ и „Лакримариум“. „Лакримариум“ и „Средба/Допир“ се песни што се целосно моја продукција, меѓутоа аранжмански се прилагодуваат по потреба за настапите во живо. „Мртва Жива Вода“ е мојата прва соработка со Раде Биковски (продуцент).
Текстот, вокалната линија и битот на самиот почеток од песната се дел од демото што го пратив на Раде, па од тоа заедно со него го сработивме останатото. Двете песни што сѐ уште не се издадени, „Очи“ и „Тумба Дивина“, ги работевме целосно заеднички со Мартин Џ., Иво Н., Виктор С., Андреј Д. и Раде Б. (аранжмани, снимање, микс, мастер). Во принцип, текстот и вокалните линии се она со коешто јас доаѓам во студио, па таму се вообличуваат инструменталите и ги дефинираме аранжманите и звукот.
Специфичен меланхоличен призвук има изведбата на песните. Кои вокални техники ги користиш во изведбата?
– Меланхолијата е природна одлика доминантна во мојот вокален израз, не е нешто кое намерно го постигнувам преку специфична вокална техника. Изминатава година почнав да изучувам византиска нотација и пеење во школата на Ристо Солунчев, а пропратно од него научив и сѐ уште учам многу и за женската вокална традиција во македонското изворно пеење, што несомнено има значителен удел во развивањето на мојот израз. Се разбира, ова служи само како една алатка за спознавање и развивање на сопствениот израз, а во никој случај не значи дословно имитирање и изнесување пеење од овие две традиции надвор од нивниот контекст.
Имаме неверојатни примери во фолклорот од кои може бескрајно многу да се научи за индивидуалниот вокален израз. Слушам многу песни од Цвета Билјановска, Вања Лазарова, Мирвет Беловска, сите тие имаат неверојатно богат, раскошен и моќен израз, сечиј глас – засебен универзум.

Какви придобивки за новата музичката сцена дава дружењето со колективот „Гола планина“?
– „Гола планина“ е колектив на вредни млади, а нашето заедничарење се залага за заемна поддршка, едукација, споделување на ресурси, искуства и информации кои служат како еден вид отскочна даска. Многумина од нас имаат искуство во продукција, некој во снимање, промоција, дизајн, дистрибуција, фотографија, менаџмент итн. На секој никулец му е потребна плодна почва како би фатил цврст корен и благопријатни услови во кои може да напредува. Нашиот колектив е една малечка оаза среде пустина.
Колку заедничкиот пристап овозможува полесно да се стигне до албум, видеоспот, концерт, и какви се твоите планови во тој правец?
– Во моето искуство, пропорционално со растот на бројката на луѓе вклучени во еден проект, расте и времето потребно да се стигне до заокружување на една креативна целина, што не мора да е случај кај секого. Работите се вредни онолку колку што им посветуваме време и енергија, а секоја соработка е бесценето искуство и сведочи за патот што го изминало некое дело. Секој со кој сум соработувала додавал нешто свое од непроценлива вредност.
Музиката е жива материја и трпи интерпретациски интервенции без да изгуби од суштината кога човек ѝ пристапува внимателно и со почит. Во поглед на издание, моментално се работат завршните фази на последните две песни од циклусот „Огнено крштевање“ – „Очи“ и „Тумба Дивина“, заедно со соодветната визуелна содржина. Еден аспект на кој се трудам да поработам поинтензивно е конзистенцијата на проби со цел подобрување на квалитетот на звукот на идните концерти.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 222, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.3.2024)


