Разговор со водителот Дамјан Дренковски: Направив интервју со Џенифер Лопез и ја видов Вупи Голдберг
Можноста да си во иста просторија со оскаровката Вупи Голдберг која е една од петте водителки на шоуто креирано од легендарната Барбара Волтерс и со моментално најголемата ѕвезда на денешницата Џенифер Лопез е од огромно значење за мене.
Македонскиот водител Дамјан Дренковски успеа да направи интервју со Џенифер Лопез, кое ќе се емитува пред Божиќ на американската радиодифузна компанија „Еј-би-си“.
Препорачано
Дренковски, кој сега со сопругата Александра живее во Њујорк, вели дека можноста да си во иста просторија со оскаровката Вупи Голдберг, која е една од петте водителки на шоуто на „Еј-би-си“, е од огромно значење за него.

– Во градот што никогаш не спие, Њујорк има навистина премногу можности за сè. Воден од мојата желба да се обидам во медиумскиот свет и овде, иако конкуренцијата е мегаломански огромна, сепак упорноста и квалитетот не остануваат непрепознаени. Емисијата што се емитува цели 29 години „Погледот“ (The View) на каналот „Еј-би-си“, а оди секој ден во живо од нивното студио во Њуjорк, имаше натпревар за луѓе со ТВ-искуство, да направат триминутно интервју со Џенифер Лопез, а во состав на нејзината моментална медиумска сеприсутност, промовирајќи го нејзиниот најнов филм, мјузиклот „Бакнежот на жената пајак“. Аплицирав, понудив што сѐ имам досега сработено и ја добив поканата на 7 октомври да бидам нивен гостин во „Еј-би-си“ и пред Џенифер Лопез да излезе како гостинка во нивното шоу, ми беше дадена можноста да го направиме интервјуто. Цели 180 секунди еден спроти друг, но ни секунда повеќе. Снимката ќе биде објавена на нивната веб-страница за божиќното издание на шоуто. Можноста да си во иста просторија со оскаровката Вупи Голдберг која е една од петте водителки на шоуто креирано од легендарната Барбара Волтерс и со моментално најголемата ѕвезда на денешницата Џенифер Лопез е од огромно значење за мене. Пред неколку месеци со мојата сопруга бевме дел од вечерното шоу со Џими Фалон, бесценето искуство. Знам дека и тука ќе бидам успешен во она што најдобро знам да го правам – вели Дамјан Дренковски за „Слободен печат“.

Во Америка тој е неполна година и со сопругата Александра, со која се ожени на крајот од септември, живее во Њу Џерси. Вели дека навистина не може да се пожали од ништо бидејќи тој е „американизиран“ од дете.
– Фасцинацијата наречена Америка кај мене се роди од мали нозе, гледајќи филмови, читајќи книги, гледајќи серии и шоуа за кои ние кај нас и до ден-денес можеме да сонуваме и да им симнеме капа. Начинот на живот во секојдневието е она што овде ме воодушевува и радува. Системот наречен држава функционира беспрекорно, твое е само да бидеш истраен во она што си го зацртал да го исполниш и да работиш на исполнување на американскиот сон. Никој освен ти самиот си одговорен дали американскиот сон ќе ти стане убава реалност во висока резолуција или нискобуџетен холивудски филм од кој не сакаш да бидеш ни споредна улога – вели Дамјан, кој додава дека Америка ги дава сите можности да се успее во она во што се сака.

Големо медиумско внимание предизвика неговата свадба со саканата, која на социјалните мрежи му ја честитаа многу познати личности, меѓу кои и Лила Филиповска, која Дамјан ја нарече втора мајка.
– Регистрацијата и свадбата ја направивме кон крајот на септември и беше во нашиот преубав двор. Идејата за украсување беше на Александра, а јас како зависник од осветлување и светилки, се погрижив тоа да изгледа магично откако се стемни. Моите родители, за жал, не беа присутни, но напролет тие ќе го водат орото на главната свадбена прослава во Скопје. Тука имавме мало, но одбрано друштво од околу 20-ина луѓе што навистина ни значат и можам да ви кажам дека забавата беше одлична, а и невестата беше преубава. Никогаш не сфатив зошто никој не прашува како изгледаше младоженецот, сите ги интересира невестата, тоа ми е вечна мистерија – раскажува Дренковски.

Неговата љубовна приказна со скопјанката Александра почнала многу необично.
– Нашата љубовна приказна почна на Ромскиот бал во Скопје. Да, да. Колку и да звучи неверојатно, ние се запознавме лани на Ромскиот бал. Таа беше дојдена со нејзиниот другар, познатиот фризер Зоки Давитков, а јас со моите повеќедецениски другари Лила и Спасе. Седевме на иста маса и ромската магија си го направи своето. Иако ниту јас ниту Александра имаме ромско потекло, судено било кај нашите сакани Роми да почне една убава љубовна сторија. Еве и јавно, ѝ даваме чесен збор на ромската заедница дека вечно ќе ја негуваме оваа љубов – вели Дамјан.

Александра работи дигитален медија маркетинг. Водителот вели дека во изминатите години откако е во Америка, таа напорно работела за да тој денес со сигурност може да каже дека е горд што има сопруга што има изградено фантастично работно портфолио.
– Допрва следува најдоброто за двајцата, ние сме подготвени, а добро знаеме дека и на Америка сме ѝ потребни – вели Дамјан за „Слободен печат“ и додава дека тој и Александра имаат многу различни карактери.


