Разговор со театарскиот режисер Јован Ристовски: Визионерски скок во непознат свет

Претставата „Улаф сте?“, наменета за лица со оштетен слух, открива нови и сосема непознати предели на театарската уметност, а со режисерот Јован Ристовски го откриваме процесот на нејзиното создавање.

Бура од емоции, револт и порив за промена предизвикува „Улаф сте?“ (Are you crazy?), прва професионална претстава на македонски знаковен јазик за возрасни лица со оштетен слух и на говорен македонски јазик за љубителите на театарската уметност.

Премиерата на претставата, како независен проект на АТО Центарот, се случи во Битола, имаше изведба и во Скопје, но ќе биде добро „Улаф сте?“ да гостува на секоја театарска сцена во државата, имајќи ја предвид нејзината револуционерна функција.

Претставата „Улаф сте?“ предизвикува силни емоции и поттикнува емпатија кон глувонемите лица. Како се појави идејата за подготовка на претставата?

– Силните емоции и поттикнувањето на емпатијата кои ги предизвикува претставата се мои лични искуства. Сите тие чувства низ годините како бранови се удирале еден од друг, бура од емоции. Слушајќи мои колеги, пријатели, и некои приказни на различни човечки судбини – жалејќи се за банални нешта, или не толку драматични проблеми, кога за првпат пред 10 години случајно животот ме поврзал со глуви лица… почувствував срам, немоќ, бев фрапиран од тоа колку се тие релаксирани, исполнети… чисти како мали деца.

Така, пред две години ја реализирав детската претстава на македонски знаковен јазик „Три“, со која имавме одличен успех. Кога бевме на гостување во Охрид пред година и пол со „Три“, во публиката присуствуваа возрасни глуви лица, кои после претставата ме замолија да направам претстава за возрасни на знаковен јазик. И ете… со помош на Швајцарската амбасада во Скопје, на кои им сум бескрајно благодарен на нивната доверба и нивната поддршка, стигнав до реализација на идејата.

Нема стручна литература или академски обуки како да се работи претстава на знаковен јазик

Низ каков процес поминавте заедно со актерите и другите соработници што учествуваа во подготовката и изведбата на претставата?

– Мирен, спокоен, сосема автентичен, нов. За сите нас непознат. Нема стручна литература или академски обуки како да се работи претстава на знаковен јазик. Пионери сме, визионери, основоположници. Чувствуваме… благородност, која не прави сите нас од екипата духовно богати луѓе.

Бидејќи ова е независен проект работен надвор од Институција – Театар, слободата во изразувањето е присутно. Притисокот и лошата енергија што театарските институции често знаат да ги наметнат – бевме лишени од тоа. „Улаф сте?“, како и други успешни независни проекти во државата, се само патоказ дека државните театри се во криза. Не знам кој е точниот проблем, дали е до директорите, дали е до некои „болни амбиции“ на одредени колеги, дали е дека, речиси, сите театри се водени од актери, а режисерите, драматурзите и другите театарски професии како да се фрлени на маргините кога е во прашање градењето на театарски стратегии за работа на еден театар.

Вработен сум во Народен театар Битола, и како режисер, на пример, никогаш досега не ме консултирале, да побараат мислење, став, било што. Не со цел дека мислењата на режисерите, драматурзите итн. се апсолутно релевантни, но театарот е колектив кој се гради заедно. Има недостиг од комуникација во државните театри, и внатрешно и помеѓу самите театри како институции.

Како актерите ја прифатија задачата да го научат македонскиот знаковен јазик?

– Маја Андоновска Илијевски, Никола Пројчевски и Сандра Грибовска се актери кои играа и во детската претстава на знаковен јазик „Три“, носеа со себе искуство. Наталија Ристеска, Марија Стефановска и Кристијан Танчевски за првпат „скокнаа“ во овој непознат свет. Целата екипа веќе слободно комуницираме со глуви лица, можете да замислите што се случи со сите нас после овој процес. Засекогаш чекор понапред. Позрели, подобри. И побогати со знаење. Бидејќи сам ги делев улогите, без некој да ми прави притисок (дека морам да го земам овој актер или тој итн.), целата актерска екипа максимално професионално го одработи својот дел, но на пробите на сите страни струеше многу љубов, љубопитност и волја за оваа претстава.

Мартин Ангелов, соработник за знаковен јазик, и режисерот Јован Ристовски

Со претставата им давате глас на глувонемите лица. Што лично ве мотивираше да влезете во нивниот свет?

– Во 2010 година режирав интернационален музички детски фестивал, и иако музички настан, поканив глува ученичка да го толкува крајниот монолог на завршниот чин од фестивалот. Сѐ додека не ја реализирав идејата, сите околу мене беа скептични, непријатно чувство во контекст дека ќе се добие впечаток дека се шегува на сметка на глувите, бидејќи има глуви лица на музички фестивал. Искрено, гајле ми беше! Најбитно што сакав да кажам е дека сите ние сме поврзани еден со друг, со космосот, со природата, со сиот жив свет. Во публиката, без да знам, присуствуваа глуви ученици кои дошле да ја поддржат својата глува другарка.

После настанот, бев сосема скршен, уништен, бидејќи сите тие глуви деца уживале во музичкиот настан, дека биле пресреќни гледајќи ги кореографиите на танчерите, сценските светла и ефекти итн. Замислете – пресреќни глуви деца на настан каде што главниот акцент е музиката, која тие не ја слушаат! Тоа беше мојот прв контакт со глуви лица. Им ветив дека еден ден ќе им направам претстава на нивниот мајчин јазик, односно на македонски знаковен јазик.

Со каква цел го основавте Центарот за современа уметност и култура – АТО во Битола?

– Има две причини. Кога е во прашање современа уметност / театар, државните театри и вработените кадри не се баш сосема отворени за нови предизвици. Не даваат шанси на младите уметници и често не ги препознаваат визионерските идеи. Затоа е многу полесно, преку независната сцена, како што е АТО Центарот, храбро и слободно може да развиваме современ театар, современа уметност.

Втората причина е дека многу добро знам колку е трнлив патот за да стигнеш да работиш во театар како режисер или како актер, воопшто како уметник. Кога немаш „мама“, „тато“ или политички штаб да те турка… затоа со АТО Центарот, чекор по чекор сакам редовно да им давам простор и шанса на добри, талентирани млади кадри кои го поминуваат тој трнлив пат.

Претставата е со порака да се стандардизира македонскиот знаковен јазик

Кои се следните планови на АТО и како би течел процесот за стандардизација на македонскиот знаковен јазик, односно барањето што го упатувате на крајот од претставата?

– Допревме и стигнавме до надлежните институции. Тие треба сега сериозно да го започнат процесот на академско ниво и да работат на стандардизацијата на македонскиот знаковен јазик. АТО Центарот во нова соработка со ГИЗ – Скопје веќе работи на нов проект, со уште поголем документарен карактер. Премиерата ќе се случи во ноември 2023, и турнеја во текот на 2024 година.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 186, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот