Разговор со Сузана В. Спасовска, поетеса и книжевна критичарка: Да не се претера ниту во фалењето, ниту во кудењето
Поетесата, книжевна критичарка и лекторка Сузана В. Спасовска со својата книга „На врв од острицата“ на околу триста страници направи аналитично, прецизно и јасно толкување на избрани сегменти од македонската литература.
Препорачано
Критичко-есеистичката книга „На врв од острицата“, во која се собрани текстови што ја отсликуваат критичарската активност на Сузана В. Спасовска во текот на повеќе од две децении, својата промоција ја имаше во ДПМ. Книгата е значајна во книжевниот контекст кај нас, но големо значење има и за самата авторка.
Што те поттикна книжевните рецензии објавени во повеќе различни медиуми да ги објавиш во книгата „На врв од острицата“?
– Најверојатно, идејата потекна од мојата лична потреба за ретроспектива на темите и авторите со кои сум се занимавала, нешто како моја мала лична книжевна историја – можеби поконкретно лична поетска историја – затоа што само неколку текста се однесуваат на македонската проза – сето останато е фокусирано на македонските автори – од постхумната збирка на Славко Јаневски, „Мане, текел, фарес“ на Урошевиќ, Лакримаријот на Петре М., Издишките на Ренџов, Синот на Сонцето на Радован, Мистикот на Јордан Даниловски, Преводот на мртвите на Анчевски, Палимпсестите на Крушкаровски, Формите на страста на Славе Ѓорѓо, Аџилакот на Де Одорико, Апокалипсата на Маријана Котевска.
Има тука и студии за жената како бог во молитвите на Шопов, небеската река на Конески и вокализацијата на македонскиот јазик, компарации меѓу Гане Тодоровски и Славко Михалиќ, меѓу Ацо Шопов и Стефан Маларме преку нивните филозофски интерпретации од страна на Старделов и Сартр, споредбата помеѓу поемите „Тој“ и „Предвесница“ на Ренџов, скромен обид за анализа на „Света песна“ од Анте Поповски. Можеби да предочам едно поинакво толкување од она досегашното, некоја нова визура, некој нов аспект на книжевните анализи. Или, пак, како што рече и самата промоторка Соња Стојменска-Елзесер, еден генолошки поглед кон македонската литература.

Насловот на книгата е конкретен, прецизен и јасен. Колку самата тематика во книгата наметна да избереш таков наслов?
– Насловот навистина дојде спонтано. Сосема случајно, во последниот текст во книгата посветен на Игор Исаковски, а напишан 14 месеци по неговата смрт, ја видов фразата „на врв од острицата“, која најчесто се користи со значење дека само етеричните битија можат да стојат на острицата без да бидат повредени. Потоа и самата рецензентка на книгата, Соња Стојменска-Елзесер, ми кажа дека насловот е многу добро погоден затоа што критичките анализи се прецизни, дури и хируршки, како своевидна вивисекција на книжевните дела.
Рецензиите се објавувани во временски распон од околу две децении. Можеш ли да направиш споредба како порано била медиумски третирана книжевната критика, а како е сега?
– Јас со задоволство можам да кажам дека живеев во времето кога во прилогот ЛИК на „Нова Македонија“ беше тешко да се објави каква било рецензија, просто се чекаше да ти дојде редот за нешто да објавиш, затоа што нонстоп имаше објави за нови книги, разни рецензии и мислења за одредени теми. Во тоа време печатените весници беа во голем број – Дневник, Утрински, Вест, Вечер, Денес.
Прв од нив своите врати за книжевната новинска критика ми се чини ги отвори Дневник, јас навистина кратко пишував таков вид критика, бидејќи искрено не можев да се соберам во толку малку редови, а срце ме болеше кога уредниците ми ги кратеа текстовите. Можеби тоа беше пресудно да се префрлам на периодичните изданија во кои можеше да се анализира надолго и нашироко. Книжевната критика не трпи толку аналитичност, таа повеќе сака да биде концизна и јасна, дури и со вредносен суд.
Мислам дека и денешните не само печатени туку и електронски весници би можеле да им подадат рака на книжевните критичари, за новинската критика да се врати во нов сјај, со издржани оцени и професионална валоризација на уметничките дела. Но велам, тоа е колку макотрпна толку и благородна работа, бидејќи претставува една мини книжевна историја. Преку книжевната критика може да се проследи тековната продукција и да се доживее креативниот дух на едно време.
Кои се клучните карактеристики на едно дело кое те мотивирало да напишеш критика?
– Во светската литература вистинското и посветено толкување на поетските текстови отсекогаш имале свое високо место во светот на херменевтичките студии, така што неверојатно ме привлекува херметичната, симболичната, па дури и апстрактната димензија на песната, која понекогаш се доживува како неразбирлива и одбивна. Сакам да верувам дека тоа е мојот прилог кон откривањето на песната, како што знаеше да каже Конески. Секако, новините во поетскиот стил, необичната употреба на јазикот, пристапот кон поетската форма, но и метафизичките, духовните, гностичките димензии на едно поетско дело знаат да го привлечат моето критичарско око.

Во рецензираните дела, но и во твоите критички огледи провејува извесна духовност. Колку книжевноста создадена во нашето време успева да ја задржи духовноста на луѓето и просторот во кој е создадена?
– Уф, тоа е некоја сила за која немам објаснување. Ми се чини дека тој духовен момент кај мене се отвори кога ја анализирав целата книга „Псалми“ од Михаил Ренџов, кого не го ни познавав во тоа време. Едноставно, јас можам да кажам дека стекнав многу духовни пријатели преку книгите и авторите за кои пишував. Такво едно духовно пријателство се случи и меѓу мене и мојот омилен автор Ренџов. Во книгата имам дури пет текста за неговата поезија.
Или, пак, поезијата на Драган Крушкаровски, кого не успеав да го запознаам, а чија поезија во мене побудуваше некаква сакралност, некаква примордијалност, некакво претчувствување на смртта. Ми се чини дека не темата љубов и смрт, туку темата на смртта и Бог за мене беше клучна да се занимавам позадлабочено со такви дела.
Не знам дали баш одговорив на прашањето за духовната димензија во книжевноста, но пак ќе кажам, таа не мора да се однесува само на религиозните или верски убедувања, кои се лично искуство на авторовото јас, туку да се однесува општо на состојбите на духот, на аспектите на човековото постоење, на потрагата по смисла, конечно на потрагата по божественост, или по некаква сакрална димензија.
Работиш како професионален лектор. Колку покрај секојдневните обврски ти останува време за книжевни рецензии и дали имаш материјали и за следна есеистичка книга?
– Покрај професионалното читање или лектурата, работата како книжевен рецензент може да биде и мала оддишка, како интимна релација меѓу професионалниот читател или критичар и неговото омилено книжевно дело, на кое покрај тоа што се насладува, ужива и да им го препорача и на другите книжевни сладокусци.
Се разбира, оваа работа знае да биде и меч со две острици – може да добиете ловорики за позитивна рецензија, но и да бидете омразен доколку се решите да ги критикувате слабите страни на едно книжевно дело, така што во исто време треба да се знае да се одржи еден критички однос во објективниот суд. Да не се претера ниту во фалењето, ниту во кудењето. Поправо, според мене, подобро е да се глаголи, дури и не толку во хвалоспеви, за една добра книга, отколку да се плука по лошите книги. Можеби е најдобро тие да се премолчат.
Секако, мојот интерес за книжевните интерпретации не се намалил со годините, туку само се насочил во една книжевнонаучна димензија, бидејќи како доктор по хуманистички науки, мојата цел е да се работи, па и да се пишува во одбрана на хуманистичките вредности и големите идеи. Се надевам дека следните текстови ќе бидат ориентирани кон авторите што сум ги заобиколила, или заборавила (нека ми простат за тоа), за да можам да ја заокружам сликата за македонската поетска галаксија.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 278, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27.4.2025)


