Сибел Абдиу, режисерка и продуцентка

Разговор со Сибел Абдиу: Луѓето во основа ги делат истите потреби, проблеми и соништа

Режисерката и продуцентка Сибел Абдиу заедно со „Машина продакшн“ неколку месеци работи на реализацијата на телевизиска серија што се емитува на социјалните медиуми, а во фокусот на серијата е Старата чаршија.

Секој четврток, во 19 часот, на повеќе платформи на социјалните медиуми се објавува по една епизода од телевизиската серија „Чаршија“. Зад реализацијата на серијата стои „Машина продакшн“, додека режисерка и продуцентка на проектот е Сибел Абдиу.

Неодамна го завршивте снимањето на сите епизоди на серијата „Чаршија“. Во кој жанр е серијата?

– Серијата со наслов „Чаршија“, наменета за социјалните медиуми со кратки епизоди од 3-5 минути, почна неодамна да се емитува на Јутјуб, Тикток, Инстаграм и Фејсбук. Оваа недела ќе биде емитувана 14-тата од 36 епизоди. Серијата е во жанрот на комедија.

Што е во основата на приказната во серијата?

– Во сржта на серијата лежи идејата дека Чаршијата не е само физички простор, туку жив организам составен од луѓе, занаети, традиции и спомени. Преку интимните приказни на еснафот, ја истражуваме комплексната структура на соживотот во едно урбано катче каде што различностите се истовремено предизвик и богатство.

Нашето Скопје – некогаш симбол на отвореност, заедништво и природна мултикултурна хармонија – денес се соочува со постепено повлекување во сопствени „балони“, со засилена сегрегација и со вештачки создадени линии што нè разделуваат. Серијата го адресира токму тој јаз: ние ја реконструираме вистинската слика на градот преку Чаршијата, местото каде различните етникуми и генерации, сè уште, се преплетуваат и функционираат како едно.

Преку ликови што доаѓаат од различни културни и јазични заднини, ја прикажуваме динамиката на секојдневието – од ситните, топли човечки моменти, до заедничките маки, борби и комични недоразбирања. Нивните лични приказни ја откриваат суштината на заедништвото: дека и покрај различностите, луѓето во основа ги делат истите потреби, исти проблеми и исти соништа.

Сцени од снимањето на серијата „Чаршија“

Во серијата има бурекџилница „Виена“, бербер „Старо Скопје“ и слаткарница „Истанбул“. Како сите овие топоними се поврзуваат?

– Овие три топоними симболично ја отвораат географијата и историјата на Скопје: „Истанбул“ го носи духот на Истокот, „Виена“ ја претставува европската оска на Западот, а „Старо Скопје“ е точката што ги спојува. Самата Чаршија отсекогаш била крстопат меѓу различни култури, јазици и империјални влијанија, место каде Истокот и Западот природно коегзистирале.

Со изборот на овие имиња, серијата потсетува дека Скопје отсекогаш било центар од суштинско значење – од Римскиот период, преку Османлиското време, до денес – богат со трговија, занаети и културна размена. Преку Чаршијата ја враќаме таа заборавена улога на градот: дека неговата сила отсекогаш била во поврзувањето, не во разделувањето.

Во серијата учествуваат актери од повеќе театри. Колку е долга кастинг-листата и кои се главните улоги?

– Кастинг-листата е богата и разнолика, особено ако ги вклучиме и гостинските актери што се појавуваат во одделни епизоди. Сепак, главната актерска постава ја сочинуваат следниве актери: Селпин Керим, Џенап Самет, Сузан Акбелге, Борче Начев, Жаклина Петровска, Хамди Рашити, Рајмонда Ахметај, Дин Ибрахим, Јеткин Сезаир, Беркан Ахмет, Милена Блажевска, Гоце Андонов, Бену Шахин, Ванеса Петровци, Сон Бејта, Оја Самет, Стефан Николовски и Адриан Азири.

Покрај нив, низ сезоната ни се приклучија и бројни гости-актери како: Дарија Ризова, Александар Михајловски, Аксел Мехмет, Теона Сима, SQM и други кои дополнително ја збогатија енергијата, хуморот и автентичната атмосфера на Чаршијата.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 308, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-23.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот