Разговор со Сашо Поповски, директор на „Џез фабрика фестивал“: Авангарда на времето во кое живееме!

Фотографија: Даниел Ѓурчиновски

Битолскиот „Џез фабрика фестивал“ веќе ги најави сите учесници на седмото издание на фестивалот, што ќе се одржи од 3 до 6 април, а со директорот Сашо Поповски разговаравме за генералниот концепт на новото фестивалско издание.

Промоцијата на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ на музичкиот новинар Љупчо Јолевски на 3 април ќе биде вовед кон музичката програма што од 4 до 6 април ќе биде изведена во рамките на седмото издание на „Џез фабрика фестивал“ во Битола. На програмата се девет концерти, од кои шест на сцената на НУ Народен театар и три концерти во соработка со локалната културна сцена и клубовите во Битола.

Гитаристот Сашо Поповски, покрај работата на авторски материјали и албуми со својата група, одлучи да даде свој придонес во ширењето на џез-културата во Битола и веќе седма година е директор на „Џез фабрика фестивал“, најбрзо растечкиот музички фестивал во нашата држава. Резултатите од претходните изданија на фестивалот веќе се видливи, но нивните планови за работа сѐ уште се движат во нагорна линија.

Седмото издание на „Џез фабрика фестивал“ со четиридневна програма во Битола носи лепеза настани поврзани со џез-музиката. Со кој концепт годинава ја составивте програмата?

– Предизвик е со секое наредно издание на „Џез фабрика фестивал“ да се задржи високиот квалитет на програмата и продукцијата, особено денес кога сме соочени со масовна естрадизација во културата. Креирањето ваква програма е своевидна авангарда на времето во кое живееме!

Со секое ново издание фестивалот расте во квалитативна и во програмска смисла. Како тој раст се препознава во европски, а како во локални рамки?

– Точно така, квалитативниот раст на фестивалот е со сигурност главниот фактор кој ни овозможува реализација во континуитет на седум изданија на фестивалот, кој во европски рамки високо котира на списокот на (медиум сајзд) џез-фестивали и е стожер на џез и импровизираната музика во Пелагонискиот регион со значаен културен и економски придонес за градот Битола. Фестивалот веќе три години е дел од културната програма на Општина Битола и токму со ЏФФ започнува долгата и висококвалитетна понуда на културни настани во градот.

Во делот на поддршката од страна на државните институции (Министерство за култура), сѐ уште недостига сериозна финансиска помош – факт кој во блиска иднина со сигурност треба да се коригира.

Предизвик е со секое наредно издание на „Џез фабрика фестивал“ да се задржи високиот квалитет на програмата и продукцијата / Фотографија: Даниел Ѓурчиновски

Какви нијанси на џез ќе донесе концертната програма на сцената на Народниот театар?

– Годинава имаме продукција од девет концерти – шест на сцената на НУ Народен театар и три концерти во соработка со локалната културна сцена и клубовите во Битола, промоција на две книги, работилница за изработка на гитари, мајсторски клас за џез-пијано во соработка со Државното музичко училиште во Битола, доделување на годишната награда „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез-музичар во 2023 година и годишна конференција на Асоцијацијата на џез-фестивали. Сè на сè, четири фестивалски денови во кои Битола ќе живее во духот на џез-уметноста.

Стилски програмата е доста шаренолика почнувајќи од традиционален џез во првата вечер, преку модерен и стрејт-ахеад џез во втората вечер до авангарда и експериментален џез во третата вечер. Концепт кој функционира, и го практикуваме веќе четири години при креирањето на програмата за фестивалот.

Како успеавте да го договорите Гоце Мицанов за настап на сцената во Битола?

– Три години разговараме на оваа тема и на моја огромна среќа професорот Мицанов прифати токму годинава да настапи во рамките на седмото издание на фестивалот, а во таа чест јас ја напишав композицијата „Going Home“, која е посветена на Гоце Мицанов и истата премиерно ќе биде изведена на 5 април на сцената на НУ Народен театар Битола.

Покрај музичката програма, планирана е работилница за гитари со Ивица Јорданов. Каква е мисијата на таков вид активности?

– Нашата цел е со секое ново издание на фестивалот да анимираме што повеќе и поразлична публика да ги посети концертите и останатите активности кои ги организираме, па така минатата година имавме изложба „Пет години џез-фестивал во Битола“ на авторот Даниел Ѓурчиновски, пред две години во соработка со „Теохаров Аудио“ и „Аудиокултура“ имавме презентација на дел од нивните производи. Оваа година работилницата за изработка на гитари на Ивица Јорданов има за цел да привлече музичари и љубители на инструменти од најразлични возрасти и да ги запознае со техниките за изработка на гитари.

Дизајнот на промотивните материјали на фестивалот е на Даниел Ѓурчиновски

Кои гости се планирани за Годишната конференција на Асоцијацијата на џез-фестивали?

– Годишната конференција на Асоцијацијата на џез-фестивали е настан кој секоја година се реализира во програмата на една од членките на асоцијацијата, во која покрај „Џез фабрика Битола“, „Џез Фортнајт“ и „Модоарс“ од Македонија членови се и „Кикинда џез-фестивал“ од Србија, „Трансилванија џез-фестивал“ од Романија, „Петровац џез-фестивал“ од Црна Гора и „Равне џез-фестивал“ од Словенија. Своето физичко присуство го потврдија сите директори на фестивалите. Една од работните точки е и примање на два нови фестивали од Шпанија и од Грција во рамките на асоцијацијата, со што нашето семејство природно се проширува секоја календарска година.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 223, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот